Со доделувањето на наградата за најдобра поема на лауреатот Трајче Кацаров, во НУЦК “Григор Прличев“ викендов беа заокружени свеченостите на годинашните “Прличеви Беседи“. Програмата започна со изведбата на “1762 Лето“ и претставување на наградениот поет и поемата “ЦВЕТКО“. За животниот пат и творештвото на Кацаров, пред присутните зборуваше драматургот Зоран Пејковски, а свое обраќање имаше и градоначалникот Кирил Пецаков.

Почитувани дами и господа, почитувани гости, драги охриѓани. Ми претставува особена чест, најискрено да му ја честитам наградата на познатиот македонски поет, есеист, раскажувач и драмски автор, Трајче Кацаровза поемата „ЦВЕТКО“ и да му посакамкрепко здравје и долги, долги години инспирација во создавањето на нови литературни дела.

Годинашното чествување на делото на македонскиот и светски книжевен великан и преродбеник, овенчаниот со Лаворов венец во Атина, Григор Прличев збогатено е со уште една поема, со која се продолжува традицијата на Прличевата “Сердарот“. Наградата е достоинствен и високовреднуван дел од современата македонска книжевност.

За нас Григор Прличев, бил и ќе остане не само врвна книжевна преродбеничка фигура, туку и народен трибун, човек кој влевал надеж за национално будење и културно самоидентификување. Во тој дух се и идеите на  “Сердарот“ и „Скендербег“  поврзани со борбата за народна слобода и заштита на сиромашните, гладните и унесреќените.

Ваквите манифестации посветени на великаните, каков што е Григор Прличев, се вистинското место гласно да ветиме дека ќе ја продолжиме  традиција и секој на свој начин ќе придонесуваме за подобра иднина на својот народ и на Македонија. На тој пат водилки треба да ни бидат високопоставените, не само уметнички,  туку и етичките и општоцивилизациските вредности на Прличев  – истакна градоначалникот Пецаков.

Претставувањето на  наградената поема “ЦВЕТКО“, нејзините литературни и уметнички вредности пред присутните ги образложи претседателката на жири комисијата Маја Јакимоска Тошиќ, а делови од поемата рецитираа актерите Билјана Билаловиќ и Павел Маслов.

Заблагодарувајќи се на наградата, лауреатот Кацаров, истакна дека во своето творештво секогаш се потпира на делата на големите писатели, поети и философи, прибележувајќи одредени мисли, кои понатака во процесот на творечката имагинација секогаш ја имаат во себе потребата да си биде љубен, зошто поетот не постои без љубовта.

Во продолжение на денешната програма, беше промовирана монографијата “Прличеви беседи (1952-2022) Хроника на еден културен настан“ од авторите Гордана Змејкоска и Милчо Јованоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.