КЦП Центар – Јадро е организатор на на настанот „Партиципативна забава“ кој ќе се случува вечерва, на 26 мај, во 20 часот.

Овој отворен настан е дел од работилницата за партиципативна уметничка пракса која во месец мај се реализираше во КЦП Центар-Јадро под менторство на визуелната уметница Кристина Божурска и е на некој начин практична вежба со кој се завршува оваа работилница.

Моделот за забавата е превземен од уметникот Оливер Херинг кој на својот блог дава насоки за спроведување на забавата и повикува било кој било каде да ја организира со можности за своја интерпретација.

Идејата е да се покани публиката да се ослободи, да излезе од зоната на комфорот и меѓусебно да се поврзе преку посочени но непредвидливи облици на развој на зададената структура. Играта, која кај децата е главната алатка преку која учат размена и соработка е клучна за оваа забава.

Кристина Божурска дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, a во 2017 магистрирала на Институтот за културолошки студии, Скопје, фокусирајќи се во своето истражување на социјалните практики во уметноста. Во своите дела користи различни техники и материјали, вклучувајќи готови предмети, сликарство, цртеж, текст и видео. Суштина на нејзината практика е социо-политичкиот контекст, преку кој изборот на материјали и визуелни референци директно ги коментира актуелните проблеми.Честопати тргнува од отфрленото, непотребното, заборавеното, во обид да го помести фокусот на опсервација и да го преиспита доминантниот консензус. Имала самостојни изложби во галерија Уна во Бјаред, Шведска; Мала Станица, МКЦ и СИА Галерија, Скопје, Прима галерија Берлин и Куманово и учествува на бројни групни изложби и видео-фестивали во земјата и надвор. Во 2011 година остварила студиски престој во ISCP New York, a во 2013 добива стипендија за учество во работилницата Arte Utile на Тања Бругера, на Летната Уметничка Академија во Салзбург. Има освоено неколку награди: Најдобрo видео во категоријата " Нано минута" на Меѓународниот видео фестивал во Бразил (2008); (YVAA) " Денес", наградата за млад уметник за 2010 година и во 2019 година ја добива BuzArt наградата на уметничката резиденција “Togetherness” во Тирана, доделена од Швајцарската фондација за култура во Албанија и галерија Кало. Предава ликовна уметност во интернационалното училиште QSI, Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.