Балетот „Госпоѓиците од Авињон“ посветен на музите на Пикасо синоќа со овации беше награден од публиката во Центарот за култура во Битола
Ова музичко-сценско дело изведено од Националната опера и балет нè однесе на едно космополитско патување, задржувајќи го вниманието на публиката од првата до последната сцена.
Госпоѓиците од Авињон во претставата ги отелотворија, со извонредната балетска игра, Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова- Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова и Христина Наќевска, кои настапија заедно со одличните Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лашеи од Унгарија, Агим Бафтии и Ендру Кук од Англија.
Олга Панго, која е и режисер на претставата, Горан Божинов и Саша Евтимова направија впечатлива кореографија, а заедно со сценографските елементи на Валентин Светозарев вклопени во приказната, но и играта на светлото за кое беше задолжен Милчо Александров, костимите на Раде Василев и шминкaта на Златица Поповска, ни овозможија неверојатна балетска магија.
За атрактивноста на оваа балетска приказна зборуваат и позитивните реакции на присутната публика синоќа во Битола, која со долг аплауз го награди тимот што работеше на овој балет, и особено извонредните балетски играчи, кои ни донесоа магија на сцената.
фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.