Зоја Бузалковска, театарски режисер и редовен професор по актерска игра и театарска режија на ФДУ Скопје на социјалните мрежи упати отворено писмо до министерката за култура кое го објавуваме во продолжение.
До Министер за култура
Бисера Костадиновска Стојчевска
Скопје,
10. 10. 2023 г.
ОТВОРЕНО ПИСМО
Почитувана Министерке за култура Бисера Костадиновска Стојчевска,
Како универзитетски професор и режисер со долгогодишно искуство, чувствувам потреба јавно да Ви се обратам, за да ми разјасните некои работи, кои, ете, се обидувам да си ги разјаснам самата себеси веќе некое време, но не ми оди од рака. Имено, се работи за Вашата драматична одлука, на само два дена до истекување на Конкурсот за проекти од годишната програма на националните институции од културата, да ја замените в.д. директорката на Драмски театар Маја Вељковиќ-Пановска (без соодветно образложение и осмислена процедура во која ќе бидат вклучени најзаинтересираните), со друга в.д. директорка, Викторија Рангелова-Петровска, (а која веќе еднаш, пред не многу време, беше директорка на истиот театар).
Веројатно се прашувате како и зошто ова Ваше решение мене ме засега? Освен што имам чувство дека постапката е скандалозна (поради отсуството на било каква аргументација, а со многубројни и очигледни негативни последици) што никако не оди во прилог на репутацијата ниту на Драмски театар ниту пак на Министерството за култура, може да се каже дека сум и лично, а против своја волја, замешана во ова, па чувствувам потреба да укажам на некои работи, преку кои не можам да поминам, ниту пак можам да ги премолчам.
Имено, во договор со претходната в.д. директорка, Маја Вељковиќ-Пановска, доставив два предлога за проект за 2024 година до Уметничкиот совет на Драмски театар. Едниот од нив ми беше прифатен, но бидејќи не бев во државата до два дена пред крајот на конкурсот, побарав можност, потребните документи за докомплетирање на апликацијата да ги доставам во двата дена кои преостануваа откако ќе се вратам.
Кога се вратив, до мене стаса веста за промена на директорката, по што, природно, очекував информација дали треба да ја завршам постапката. За жал, морав да се потпрам на гласините, кои водеа кон тоа дека новата директорка ќе добие повеќе време за средување на документацијата, со оглед дека застанува на раководното место во текот на конкурсот, па трпеливо чекав нови инструкции во врска со мојата апликација.
До денес, од в.д. директорката ниту пак од било кој вработен во администрацијата на Драмски театар немам добиено информација во врска со мојата апликација. Наместо тоа, во медиумите, токму од Рангелова-Петровска читам дека програмата за 2024 година (па дури и за 2025 година) е веќе оформена. Претпоставката, со оглед на тоа дека не бев консултирана за понатамошни постапки, е дека мојот предлог-проект не е на листата на новата в.д. директорка.
Она што можев да го разберам е дека меѓу апликантите со кои била договорена соработка, а кои не добиле никаква информација за понатамошно постапување се и режисерот Иван Поповски и драмскиот писател Дејан Дуковски со заеднички проект, како и режисерот Љупчо Ѓорѓиевски. Притоа, апликацијата на последниот е потполна, но тој исто така до ден-денес не добил никаква информација од Драмски театар, дали таа е поднесена до Министерството за култура или не.
Во историјата на театарот, но и во историјата на Министерството за култура не е запаметена ваква постапка: да се изврши промена на в.д. директор во текот на аплицирање за проекти, и тоа само два дена пред крај на рокот, па така, претходно назначената в.д. директорка да преговара и договара проекти залудно со познати театарски креативци. Незапаметена е и ситуација да не се информираат апликантите за промената на плановите, од назначената со нов мандат в.д. директорка.
Ваквите постапки не само што претставуваат недвосмислено омаловажување на апликантите и фактичко пренебрегнување на законски пропишаните процедури, туку претставуваат недвосмислен удар на угледот на Театарот и на самото Министерство.
Сакам да нагласам дека мојата соработка со Драмски театар, која започна уште во 1997 година, со мојата прва професионална претстава, „Ојдипус Тиранос Софоклеус“ и продолжи во 1998 година со мојата дипломска претстава „Тхе Ловер“, кои ги направив токму таму, на огромна взаемна радост, за до денес да имам реализирано најголем број проекти токму во овој театар, е поголема од било кој директор и било која политичка гарнитура. Тоа е театарот со кој развив најсуштинска соработка, во кој создадов свој тим, со кој „победуваме“ веќе со години, а оваа година со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ и буквално, освоивме пет награди на МТФ „Војдан Чернодрински“ со меѓународно жири, што е прв олку голем успех за Драмски театар по долго време, на нашиот најпрестижен театарски фестивал. Дотолку повеќе сум фрапирана од одговорот на овој успех, кој е крајно навредлив за мене и за нашата заедничка историја.
Дали треба нешто да кажам за еден од нашите најуспешни режисери со меѓународна блескава кариера, кој живее и твори во Москва и низ цела Русија, но и во САД, Франција, Хрватска, Словенија и во други земји, Иван Поповски? Или треба да кажам нешто за нашиот најдобар и најпоставуван во светски рамки драмски писател Дејан Дуковски? Театрите во регионот и пошироко „се тепаат“ за неговите текстови, а Драмски не препознава огромна прилика за себе со договорена праизведба на неговиот најнов текст „Последниот балкански вампир“ во Македонија, и тоа токму во режија на Иван Поповски, со кого Драмски театар би соработувал за првпат? И, дали треба нешто да кажам за еден од најнаградуваните на нашиот најрелевантен театарски фестивал МТФ „Војдан Чернодрински“, режисери, Љупчо Ѓорѓиевски, чии претстави се прогласени за најдобри во целина шест пати, а тој самиот за режија е награден четирипати? Да не ги набројувам сите други режии и успеси на меѓународен план.
Со оглед на сето ова, Ви се обраќам Вам Министерке како единствена одговорна за оваа ситуација, со прашање:
1. Зошто е направена замена на еден в.д. директор со друг без никаква видлива причина или сериозно образложение, пласирано во јавност? Само скандал, огромен прекршок или драматично неодговорна постапка може да биде причина за промена на раководно лице по само четири месеци од назначувањето, во финалните денови од постапката на конкурирање со проекти во годишната програма, која ја дефинира работата на театарот во целата наредна година. Прашањето е, која е таа толку драматична причина за Вие како министерка да донесете одлука за разрешување на в.д. директорката Вељковиќ–Пановска со решение кое во Драмски театар е доставено на 28 јуни, при што новата в.д. директорка ја презема фотелјата на 29-ти јуни, а конкурсот трае до 30 јуни? Доколку навистина постојат причини и аргументи за една ваква промена, редно е јавноста да биде известена за нив.
Наспроти ова, се чини дека Вие целата оваа процедура сте ја воделе спротивно на законот, според кој веднаш по назначувањето на в.д. директор треба да се распише конкурс за директор, а не да се заменува еден в.д. директор со друг и тоа во најнепогоден момент од работењето на институцијата. Ако не сум во право, тогаш зошто во моментот кога ја назначивте Вељковиќ-Пановска за в.д. директор на Драмски театар, не распишавте јавен оглас за директор? Наместо тоа, Вие и Рангелова-Петровска ја назначивте за вршител на должност. Распишавте ли можеби сега, веднаш по нејзиното поставување, јавен оглас за директор?
2. Дали е според Вас соодветно да ја избришете со еден потег целокупната активност поврзана со објавениот конкурс, остварена од страна на в.д. директорката на Драмски театар Вељковиќ-Пановска, која во својот краток мандат, успеа да воспостави контакти, да преговара, да им го узурпира времето, да бара од театарски режисери, драмски писатели, сценографи, костимографи, кореографи, композитори, меѓу кои сум и јас, да посветат време и внимание на избор на текст што ќе го работат, на разработка на концепти, на разговори и договори, на експликации? Активности кои подразбираат потрошено време и креативна снага? Посебно што со овој акт ни е одземена приликата да аплицираме на конкурсот преку друг театар? Резултатот за нас е цела година изгубено време за работа, а причината воопшто не е во недоволно квалитетен предлог-проект, туку во лошо менаџирање и постапување токму од страна на Министерството за култура! Без никаква и ничија одговорност.
3. Следно прашање за кое очекувам одговор од Вас како министер за култура е зошто нецелосните апликации за проекти (кои не се довршени затоа што постапката е нагло прекината со сите неочекувани промени), се поднесени во Министерството и на тој начин е создадена ситуација и можност за злоупотреба? Сакам да напоменам дека досега не сум дозволила моја апликација да се достави до Министерството од некој театар како нецелосна и збеснувам при помислата или претпоставката или гласината дека би можела во овој случај да биде поднесена како таква, за да биде прогласена за нецелосна и да даде легитимитет на нови одлуки!
* Само како забелешка: дали е природно да се бара од Иван Поповски и Дејан Дуковски експликација со сите детали? Или, од Љупчо Ѓорѓиевски? Или од мене? Сериозно? Барајте го ова од некој почетник, од кого Ви треба голема гаранција дека нема да направи нешто неквалитетно. Би Ви се изнасмеале секаде по светов за вакви конкурси. На прво место, крајно несоодветно е да се бара развивање концепти и конкретни дизајнерски решенија на неодобрена претстава. Тоа е дел кој мора да се заштити од преземање (крадење), а и – неговата изработка чини време, креативна посветеност, а со тоа и пари и не може да биде побарана условно. Што станува кога некој треба да прави скици или пресметки за 300 костими, а притоа никој не му гарантира дека претставата ќе се реализира? Она што е најверојатно делумно и наша вина, е тоа што упорно, со години, го прифаќаме овој апсурден услов за конкурирање, како да е логичен.
4. Ве молам да ми одговорите зошто до денес (а поминаа веќе три и пол месеци), ниту еден од апликантите не добил никаква информација, дали неговиот предлог-проект воопшто е земен предвид? Дури и кога би се работело за почетници, на кои ова би им бил прв проект, ваквиот однос кон нив би бил скандалозен и неразбирлив и дури би граничел со немање елементарно домашно воспитување. Да се остават Дејан Дуковски и Иван Поповски, како и Љупчо Ѓорѓиевски (истово се однесува и на мене) цело лето во неизвесност е во најмала рака невкусно. Сосем логично би било, каква и да е одлуката, в.д. директорката или некој од Министерството за култура да се јави или да ни се обрати по писмен пат и да ни соопшти дека ги прифаќа нашите предлози и бара докомплетирање на апликациите или не ги прифаќа и ќе креира нова програма.
5. Посебно би сакала да прашам: со кого комуницираме ние? Со институциите или со поединци кои во моментот се наоѓаат на соодветна функција? Како да се обезбеди континуитет на соработка, ако резултатот на промените на директорите (како и на министрите) кои се толку чести, значи коренита промена и негирање на сите претходни комуникации и воспоставени практики? Вистината е дека со секоја промена почнуваме одново. Според редот на нештата, режисерот и другите соработници од креативниот тим се договараат за работа на нова претстава со институцијата (во случајов, Драмски театар), а не со директор. Директорот е менаџер кој ја претставува институцијата. Немањето континуитет во развојот на институцијата и во програмските стратегии е погубно за Драмски театар и за било која институција од културата. Тоа што Драмски театар во последниве шест години има петта промена на директор е катастрофално за институцијата. Ниту директорите можат да креираат политики на водење на куќата во толку кус мандат, ниту соработниците можат да истераат продукција во континуитет, со претпродукција, продукција и постпродукција, направени во мандат на исто раководство.
Во секој случај, нашите претстави или предлог-претстави не смее да се претворат во жртвени јагниња, кои новите директори ќе ги злоупотребат за докажување некоја своја правдина или за омаловажување на програмите и работата на претходниот директор. Во овој дисконтинуитет и препукувања страда институцијата, нејзината репутација, но и целиот актерски и технички тим, кој вложува време и креативна енергија во креирање нешто, кое потоа завршува во ќорсокак или има краток домет. Режисерите (и не само тие, туку и драмските писатели, сценографите, костимографите, композиторите на музика, актерите-гости, младите театарџии) развиваат недоверба кон институцијата Драмски театар и ја бришат од мапата на театри со кои сакаат да соработуваат во иднина.
Ве уверувам дека сакам да ги разберам причините за ваквите одлуки и постапки, Министерке, но не можам. Во отсуство на објаснувања, информации и конзистентност во постапувањето, останува само да претпоставувам и со секоја моја претпоставка доаѓам до заклучок дека нешто не е во ред! Министерке, во сето ова нешто крупно не е во ред! А најмногу не е во ред доколку го прочитате ова писмо и си помислите дека не сте одговорна за проблемите што ги отвора.
Одговорноста на министерот за случувањата во областа која ја покрива се посебно поврзани со резултатите кои произлегуваат од неговите директни активности и дејствија. Компромитацијата на една од најголемите и најважни институции од културата во државава и на некои од најголемите имиња во македонскиот современ театар е нешто кое подразбира потреба од преземање на таа одговорност и соодветна реакција сè до ниво на неотповиклива оставка со цел барем делумно санирање на проблемот.
Со почит,
Зоја Бузалковска
театарски режисер и редовен професор
по актерска игра и театарска режија на ФДУ Скопје
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.