Во ликовната галерија на НУЦК “Марко Цепенков” во Прилеп, е отворена изложбата на слики „Видување” од Анита Јовеска Сот. Уметницата на отворањето посочи дека верува во позитивната енергија, мисла и видување на секојдневието од еден друг агол, агол исполнет со боја и шаренило.

Таа мисла ме инспирира и движи понатаму, каде низ спектарот на бои и елементи ги прикажувам различностите во изразите на лицата, сите нивни емоции, со што на некој начин го отсликувам сопствениот автопортрет или трансмисија на своите чувства низ времето и процесот на работа, рече Анита Јовеска Сот.

Изложбата ја отвори м-р Викторија Димеска, историчар на уметност, која посочи дека восхитувачките портрети на Јовеска одразуваат исклучителен визуелен ансамбл извезен со лиричен сликарски сензибилитет и облагороден со личните индивидуални чувства на авторката.

Во раскошните експресивни композиции уметницата умешно ја обликува формата со примената на силни колоритни топло – студени и комлементарни контрасти за одразување на моќна чувствена изразност и драматичност, со употреба на контраст на линиите за создавање на динамична вибрантна ликовна содржина.Јовеска во сопствените лирични, автентични и драматични креации го создава единството во композицијата по пат на доминанта, поставувајќи акцент на емотивната експресија на портретот, рече Димеска.

Отворањето на изложбата, на кое присуствуваа голем број љубители на уметноста, беше збогатено со настапот на музичарите Андријана Дукоска и Борче Миленкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.