Во Музејот на современата уметност – Скопје синоќа, во присуство на бројни гости и почитувачи на уметноста, свечено беше отворена изложбата „Дефрагментација“ со дела од колекцијата на МСУ-Скопје, подарени од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка. Изложбата е резултат на заедничката соработка на амбасадите на земјите од Вишеградската група и Музејот на современа уметност – Скопје. Со изложбата се одбележува и 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во поздравното обраќање истакна дека оваа изложба е доказ за едно долготрајно пријателство помеѓу нашата земја, и земјите од Вишеградската група.

Оваа изложба е потврда дека вредностите за кои денес зборуваме, се поставени многу одамна, рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска

Изминативе години поминавме низ многу транзиции и реформи на нашите општества, но во тие трансформации, земјите од Вишеградската група се цврста поддршка во создавањето и на современ и проевропски Западен Балкан“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека соработката во културата е можеби и првата што го движи моторот на евроинтеграциските процеси напред.

Оваа изложба, нагласи министерката за култура, е потврда дека вредностите за кои денес зборуваме, се всушност поставени многу одамна.

„Подигнување на духот на една земја и на разрушениот град преку подарување на уметнички дела претставува висок чин на хуманост. Делата на уметниците од Чешка, Полска, Унгарија и Словачка се дел од меморијата на Скопје и на изградбата и развојот на овој Музеј“, рече Костадиновска-Стојчевска, која ја нагласи улогата на Полска во создавањето на објектот на МСУ, а уметничките дела од овие земји се речиси 10 проценти од солидарната колекција на МСУ.

Министерката за култура истакна дека оваа изложба е чин на благодарност, но таа е и потсетување за важноста на пријателството и заедништвото помеѓу народите, особено во годината кога одбележуваме 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје.

На изложбата присуствуваа и амбасадорите на Словачка, Полска, Чешка и Унгарија, со чија финансиска поддршка се реализира ова комплексно ликовно претставување.

На изложбата присуствуваа и амбасадорите на Словачка, Полска, Чешка и Унгарија

Во МСУ изложени се 96 дела од 86 уметници, односно претставен е избор од слики, скулптури и графики, кои се создавани во периодот од 1905 до 1989 година.

Овие дела претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од земјите од Централна Европа.

Куратори на изложбата, која ќе биде достапна до 15 септември годинава, се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

фото: МСУ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.