„140 години од раѓањето на Милтон Манаки 1882 – 2022“ е насловот на изложбата што вчера веше отворена во Заводот и музеј во Битола. Изложбата ја организира Државниот архив во рамките на 43. издание на фестивалот „Браќа Манаки“, а ја отвори министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Една фотографија – илјада зборови, но, има фотографии што ви ги одземаат сите зборови, сите противречни аргументи. Токму такви се и овие фотографии и подвижни слики на браќата Манаки. Од првото „Ателје за уметничка фотографија“ во Битола, купувањето на тристотиот примерок на камерата „Бајоскоп“ (Bioscope) во Лондон, до нивното кино „Манаки“, всушност е создадена историја, не само со културна и уметничка вредност. Од „браќа мечтатели“ до „браќа на светлината“, љубопитниот Јанаки и темпераментниот Милтон, биле хроничари на турбулентната прва половина од 20 век – рече Костадиновска-Стојчевска.

Освен што ги овековечиле случувањата во кралските дворови во Букурешт, во Белград и на османлискиот двор, тие оставиле и траен запис од илинденците, како и од страдањата на македонскиот народ во крвавиот период по Илинденското востание.

Објективот не го испуштиле од рака – од Илинден 1903 до фашистичкиот пораз 1944 и влегувањето на македонските партизани во Битола. Со еднаква професионалност и страст направиле илјадници фотографии и подвижни слики и од кралеви и од селани, и од окупатори и од револуционери, и од порази и од победи, и од сити и од прегладнети, и од палати и цркви и од трошни куќи, и од дијадеми и од носии, и од царски балови и од народни игри и ора – рече Костадиновска-Стојчевска.

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Започна во 1979 година по иницијатива на еден од главните основачи, Друштвото на филмските работници на Македонија (кое годинава ја одбележува и својата 65-годишнина), во соработка со Битола и со Кинотеката на Македонија. Основан е во чест и како инспирација од богатиот фотографско-филмски опус на браќата Манаки: Јанаки (1878-1954) и Милтон (1882-1964).

Во почетокот замислен како Манакиеви средби, а потоа и Фестивал на филмската камера на eксјугословенските кинематографери, фестивалот растел со голем потенцијал, а по независноста на Македонија, прогласена на 8 септември 1991, прерасна во Интернационален фестивал на светските кинематографери, чии играни филмови се во конкуренција за трите фестивалски награди: Златната, Сребрената и Бронзената камера 300.

Од 2013 година е воведена и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските работници на Република Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.