Оркестарот на Филхармонијата денеска во 20 часот ќе го изведе концертот насловен „Омаж за Саша Николовски -Ѓумар“, посветен на големиот македонски диригент. Пред концертот во фоајето на Филхармонија ќе биде отворена и изложба на дела од Саша Николовски – Ѓумар, кој освен диригирањето кое му беше професија, имаше пасија и кон сликањето и пишувањето.

На програмата на овој концерт се две дела од рускиот композитор Сергеј Рахмањинов – Концерт за пијано и оркестар број 3 и „Симфониски танци“. Како солист на пијано ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери, а диригент е Вања Ѓумар Николовски.

Вања Ѓумар Николовски се школува во Скопје, каде што на Факултетот за музичка уметност во 1992 година дипломира на одделот за диригирање, а во 1993 година на одделот за композиција .Во 1995 и 1996 година специјализира диригирање во Санкт Петербург на Конзерваториумот „Николај Римски Корсаков“, во класите на Илија Мусин и Михаил Кукушкин. Во овој период активно соработува со Јури Темирканов и Валери Гергиев. Мастер студиите по композиција ги продолжува во 1999 година во Скопје во класата на проф. Гоце Коларовски. Во деведесеттите години развива богата диригентска дејност настапувајќи со повеќе хорски и инструментални ансамбли во Македонија (меѓу кои и Македонската филхармонија, Хорот на Македонската радио-телевизија, хорот „Мирче Ацев“ и др.), а Македонската опера и балет е неговата матична куќа. Остварува и голем број настапи во странство: Санкт Петербург (Русија), Белград (Србија), Виена (Австрија), Порто (Португалија), а подоцна и низа настапи во САД (Феникс, Сан Диего, Вашингтон, Лос Анџелес …). Паралелно со ова активен е на полето на музичкото творештво, а неговите дела се изведуваат на „Деновите на македонска музика“, „Охридско лето“, средбите на музичките академии од поранешна Југославија. Во почетокот на овој век се преселува во САД каде што ја продолжува својата диригентска, педагошка и композиторска дејност.

Во своето творештво минува низ различни фази. За време на студентските години, трагајќи по сопствен музички израз, неговите дела носат и неоромантичарски и неокласицистички елементи. Во ова време ги проучува и композиторските системи на Месијан и Шенберг и уште некои алтернативни правци преку кои се обидува да го пронајде патот за најавтентичен израз на своите музички инспирации и да воспостави (Битола, 13.01.1968) композитор и диригент Вања Ѓумар Николовски директна и непосредна врска меѓу својата музика и публиката.

Бескрајната творечка љубопитност го води и во други творечки правци, не само на сопствената земја, туку и на другите народи од различни континенти. Сето тоа резултира со полустилистичко музичко творештво што би требало да биде синтеза на различностите во еден единствен музички универзум.

Денес, со веќе изграден творечки стил, Вања Николовски во создавањето на своите дела приоѓа на интуитивен и рационален начин. Родените, создадените теми и идеи во сопствената свест се пуштаат „низ филтерот“ на сопствената творечка вештина, низ сопствениот занает, и преку класичните начини на мотивска и тематска работа, низ разложувањето на вертикалните склопови во хоризонтални елементи, низ нивната комбинација се доаѓа до посакуваниот резултат. Притоа, особено важна улога во неговиот опус игра ритмичката компонента.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.