Филмската програма во Кинотеката во првиот дел од октомври e дел од два фестивала: филмскиот фестивал за млади ЏИФОНИ-Македонија и Интернационалниот фестивал на дебитантски филмски остварувања КИНЕНОВА.

Веднаш по нив, и тоа во повеќе термини, ќе имате прилика да го проследите насловот ПО ТАМБУРИТЕ (Po tamburi / Tune Up, 2021) на хрватскиот автор Станислав Томиќ (Stanislav Tomić). Станува збор за жанровски интересно спакувана музичка комедија по теркот на култниот филм БРАЌАТА БЛУЗ (Blues Brothers, 1980), плус цитати од популарните екс-југословенски наслови како ТВ серијата ОТПИШАНИТЕ (Otpisani, 1974), МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ (Maratonci trče počasni krug, 1982) и ВОЗОТ В СНЕГ (Vlak u snijegu, 1976), а бонусот ги содржи Мрле и Прља од популарниот бенд „Лет 3“ (“Let 3”).

Од 15 до 18 октомври во термините од 20:00 ч. на кинотечната програма се ДЕНОВИТЕ НА ГЕРМАНСКИ ФИЛМ. Ревијата на современи наслови од германската кинематографија започнува со филмот ЧОВЕК ПО ТВОЈА МЕРКА (Ich bin dein Mensch / I’m Your Man, 2021) на режисерката Марија Шредер (Maria Schrader), а потоа следуваат РАБИЈЕ КУРНАЗ ПРОТИВ ЏОРЏ БУШ ПОМЛАДИОТ (Rabiye / Rabiye Kurnaz vs. George W. Bush, 2022) на еден од најпроминентните автори на денешнината Андреас Дрезен (Andreas Dresen), АЕИОУ: КРАТКА АЗБУКА НА ЉУБОВТА (AEIOU: Das schnelle Alphabet der Liebe / AEIOU: A Quick Alphabet of Love, 2021) на Николет Кребиц (Nicolette Krebitz) и КОПИЛОТ (Die Frau des Piloten / Copilot, 2021) на Анe Зора Берачед (Anne Zohra Berrached).

БРОД СО БИСЕРИ (Pearl Boat) е македонски документарен филм на режисерот Александар Зиков и сценаристката и главниот лик во оваа авантуристичка доку-драма Регина Икономовска. На програмата во октомври имаме уште еден документарец од македонска продукција: ТРН (Thorn, 2022) на авторите Столе Ангелов и Никола Пијанманов, филм посветен на актерот, активист и борец за граѓански права: Стојан Велков-Трн. Потоа, на 20 октомври (четврток) ќе го одбележиме јубилејот 15 години од премиерата на филмот ПРЕВРТЕНО (Upside Down, 2007), игран филм во режија на Игор Иванов-Изи, работен според романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски, кој е и косценарист. Ќе имате можност да проверите дали уште е актуелна приказната за Јан Лудвик, кој ѝ припаѓа на загубената транзициска генерација во нашето општество, родена во комунизмот, но сведок на рудиментарниот капитализам. Неговиот анархичен став кон животот го доведува до безизлезни ситуации во кои не може да се реализира себеси…

На кинотечната програма веќе стана пракса да прикажуваме и филмови на старите, добри и „докажани“ 35-милиметарски ленти од архивот на Кинотеката. Овој месец ќе ја завртиме лентата на култниот наслов од почетокот на деведесеттите години – АРИЗОНА ДРИМ (Arizona Dream, 1995) на Емир Кустурица (Emir Kusturica), со Џони Деп, Џери Луис, Феј Данавеј, Лили Тејлор, Полина Пoришкова, Винсент Гало (Johnny Depp, Jerry Lewis, Faye Dunaway, Lili Taylor, Paulina Porizkova, Vincent Gallo) во главните улоги. А во Кинотеката, во октомври, ќе можете да го проследите и норвешкиот кино-хит НАЈЛОШАТА ЛИЧНОСТ НА СВЕТОТ (Verdens verste menneske / The Worst Person in the World, 2021) на режисерот Јоаким Трир (Joachim Trier), чиј директор на фотографија Каспер Туксен ја доби „Сребрената камера 300“ на 42-иот ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола за 2021 година, а на програмата ќе се репризираат и уште неколку наслови од европските кинематографии – кои завреднуваат внимание.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.