Со низа пригодни настани, деновиве, во Охрид, се одржа културната манифестација „Прличеви беседи“, со која годинава се одбележа 130-годишнината од смртта на големиот поет и преродбеник Григор Прличев.

Во рамки на чествувањата по повод 130-годишнината од смртта на Прличев (6 февруари 1893), на гробот на ловороносецот се одржа панихида, а делегации положија цвеќе пред неговиот споменик во истоименото основно училиште, а делегација на ДПМ пред Градската библиотека што го носи неговото име.

Беседа за Прличев во неговата спомен-куќа, пак, одржа д-р Александра Ѓуркова.

Секое време укажува на различни поуки, човековото минато искуство упатува на пораки за иднината. А многу можеме да учиме од пораките на Прличев. Во времиња кога македонската држава е поставена пред бројни предизвици за своето постоење, има ли подобар момент да се сфати пораката за слога и храброст и за општиот закон „чувај се“. Само преку слога, разбирање и образование еден народ може да ја покаже својата вредност, достоинство и достојност кон минатите генерации и да даде пример за оние кои доаѓаат, рече во своето обраќање Ѓуркова, која и самата е потомок на Григор Прличев.

Како што истакна таа, колку моќ има зборот, особено зборот изречен од човек со дар на словото, посведочуваме и сите ние денес кога ги читаме беседите на Прличев, преку кои тој настојува да остави порака до присутните, па и до генерациите што следуваат.

Неговата посветеност во беседите кон определени актуелни прашања се огледува преку ангажираноста во беседењето, што има за цел да го поттикне слушателот кон дејствување, стремеж да поттикне борба за себеси, за своето достоинство и интегритет, за своето право на образование и слободно мислење…, додаде Ѓуркова. Таа од родната куќа на поетот во Охрид укажа на една од основните заложби на нејзиниот чукундедо – важноста на знаењето, образованието, како предуслови за ослободувањето. Цитирајќи го Прличев, потсети на неговите размисли за грижата за татковината и заедницата како највисок морален долг на човекот.

Во рамки на манифестацијата, градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков, врачи примероци од „Автобиографијата“ на Прличев, отпечатена во Брајово писмо, на Библиотеката „Григор Прличев“ и на Здружението за слепи лица од Охрид.

Годинешните „Прличеви беседи“, започнаа на 3 февруари со промоцијата на книгата „70 години Библиотека ‘Григор Прличев’- Охрид“ од авторот Милчо Јованоски.  Промотор на книгата беше новинарот и публицист Свето Стефаноски, а настанот се одржa во „Прличевата одаја“ при Библиотеката.

Во Центарот за култура во Охрид, во неделата, на македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски, пак, му беше врачена награда „Григор Прличев“ за 2022 година, за неговата поема „Коњски житија“. Наградата секоја година се доделува во чест на славниот охридски и македонски преродбеник.

Чествувањата се заокружија со промоција на аудиозаписот, есејот: „Душевните очи на Григор Прличев“ од академик Анте Поповски во „Прличевата одаја“ при библиотеката „Григор Прличев“. А беше прогласена и најдобрата беседа за 2023 година на тема: „Прличев и ние“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.