Со традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ од утре во Охрид почнуваат свеченостите и збиднувањата за одбележување на 129-годишнината од смртта на големиот охридски и македонски поет и преродбеник Григор Прличев.

Согласно програмата, манифестацијата почнува утре со свеченост по повод патрониот празник на ОУ„Григор Прличев“ и полагање цвеќе пред споменикот во училишниот двор.

За точно на пладне е предвидена промоција на книгата „Охридски раскажувачи“ на авторите проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски во Големата сала на Општина Охрид.

Чествувањата продолжуваат в сабота од 11:45 часот со отворањето на изложбата на фотографии од колекцијата на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид, што ќе се одржи во изложбениот салон.

За напладне е закажан централниот настан, посветен на лауреатот на годинешната награда Трајче Кацаров, чија поема „Цветко“ беше избрана за најдобра на традиционалниот конкурс што секоја година се распишува во чест на Прличев.

Во рамки на одбележувањето на јубилејот 70 години од одржувањето на манифестацијата „Прличеви беседи“, од 13 часот ќе биде промовирана монографијата „Прличеви беседи – хроника на еден културен настан“ ( 1952 – 2022) на авторите Милчо Јованоски и Гордана Змејковска.

На 6 февруари во 11 часот ќе се служи панихида на гробот на Прличев, додека напладне кај паметникот на охридскиот Хомер беседа ќе одржи Зоран Пејковски од Друштвото на писатели на Македонија, а ќе бидат и врачени наградите за најдобрите литературни творби по конкурсот распишан од ОУ „Григор Прличев“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.