Жири комисијата ги одбра петте финалисти за доделувањето на наградата за најдобар превод „Драги“, соопштија од издавачката куќа „Антолог“. Во третиот и последен круг на селекција влегоа пет преведувачи со изданија објавени од три издавачки куќи и преводи направени од пет различни јазици.

Петте финалисти за наградата „Драги“ се:

1. Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбург во издание на Артконект.

2. Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на Артконект.

3. Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа во издание на Бегемот.

4. Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс во издание на Артконект.

5. Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на Алеф публикации.

За наградата „Драги“ првично беа номинирани 39 преведувачи со книги објавени од 17 издавачи и две приватни изданија. Во првиот круг влегоа 19 преведувачи од 9 издавачки куќи и едно приватно издание. Во вториот круг влегоа 10 преведувачи и 7 издавачки куќи. Жири комисијата е во состав Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник на семејството на Драги Михајловски), Лидија Капушевска-Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач).

Со големо задоволство можеме да кажеме дека иницијативата за оваа награда која досега не беше препознаена ниту од државните ниту од локалните институции, а уште помалку од приватниот сектор, го доби своето прво јавно признание од страна на новата деканска управа на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Факултетот станува партнер на „Антолог“ во организирањето на наградата. За организаторот ова претставува исклучително важна соработка. Прво, затоа што Драги Михајловски целиот работен век го помина на овој факултет, а второ затоа што улогата на Факултетот во создавањето на книжевните преведувачи не може да се спореди со улогата на ниедна друга институција во нашата земја, велат од „Антолог“.

Двете страни одлучија соопштувањето и доделувањето на наградата „Драги“ да се случи на 2 октомври во 14 часот токму на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со пригодна свеченост во чест на добитникот и номинираните.

Како што беше соопштено претходно во истата прилика ќе се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачката Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик. За оваа пригода најавено е и личното присуство на преведувачката за време на Фестивалот „BookStar“ во Скопје.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.