„Од Алинари до мајсторите на современата фотографија“ е изложба која преку фотографија ги раскажува убавината и разновидноста на Италија, нејзините пејзажи, нејзината креативност и нејзиниот народ. Историја од век и половина преточена во антологија од кадри, со цел да се создаде идеална галерија на портрети и спомени, што ќе посведочат за богатството на земјата и во исто време за извонредната виталност на италијанската фотографија.
Изложбата ќе биде отворена вечерва со почеток во 19 часот во Чифте амам.
Избор на дела кој не претендира да ја сумира во целост комплексноста на италијанската фотографија, но сепак се поставува како предизвик и алатка за истражување на естетскиот израз и јазик на фотографите што твореле во период од над 160 години, вклучувајќи дела кои произлегуваат од ателје, пикторијализам, концептуализам, новинарство и уметничко истражување. Патување кое започнува од браќата Алинари и од обемниот свет кој се формирал околу нив преку збирките и архивите, односно „Многуверзумот на глетките“, како што ќе го нарече Марио Креши – тука застапен со едно ново концептуално дело – патување кое ќе не одведе до големите мајстори на фотографијата од дваесеттиот век и до најсовремените експериментирања. Исходот од ова патување може да се доживее и како кратко резиме на историјата на фотографските техники, почнувајќи од калотипот па сѐ до виртуелната фотографија во игрите.
Изложбата е поделена во три дела – Пејзажи, Дела и Ликови – од кои секој претставува идеален географски, историски и уметнички процес кој преку повеќеслојна разновидност на теми ги доловува промените на една земја во постојана еволуција.
Север и Југ, град и село, работа и празници, традиција и иновации, историја на општеството и културен живот. Дела во кои изненадувањето лежи во поставувањето на сцената и во оригиналниот избор на секој уметник.
Избор на фотографии кој е воедно и начин да се проследат трансформациите на Италија, со јазик кој умее да ја прикаже географската различност, да продре во длабочините на историјата и да навлезе во браздите на поднебјето.
Поставка што многуте „Италии“ ги преточува во една Италија, зборува за непостојаноста на културните граници, чијашто сложеност се должи на вековни споредби и контаминации; обмислениот избор на глетки овековечени од различни очи претставува една разновидна и разиграна приказна, чии што форми се одраз на разиграниот и витален дух на една Земја полна со минато и сеќавања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.