Книгоиздателството „ВиГ Зеница“ ја објави најновата книга на Томислав Османли, романот насловен „Заборав“. Книгата на Османли говори за Алцхајмеровиот синдром на ова време на патолошки амнезии.

Тоа е проза фокусирана на суштествените проблеми на современоста, од интимните до општествените аспекти на заборавот како битно својство на ова, и локално и универзално, сѐ подехуманизирано време.

„Заборав“ е роман на смел, ангажиран и критички, често и духовито интониран поглед врз ова време во кое системите на моќ и пари го потиснуваат обичниот човек, нашиот современик, но и на нашиот сограѓанин. Сочувствен кон бројните ликови на својата прозна книга, Османли пишува роман за доминирањето на егоизмот, отуѓеноста, техницизмот и за тивките драми на неговите книжевни јунаци, осамените единки што тонат во лични, но и во различни видови, колективни заборави. Низ дејствувањата на живи, ововремени карактери и низ мноштво, живописно доловени ситуации, романот „Заборав“ говори за изумирањето на сочувственоста на психолошко, на либералните етички и на традиционалните вредности на општествено рамниште; за ништењето на социјалните ангажмани и нивните замени со лажни, потрошувачки дефокуси, создавајќи реалност на неразбирливи хибриди и збунувачки контроверзии. Ни сложен и возбудлив фабуларен пристап, Османли во својата најнова прозна книга, говори за цивилизациската морална регресија и за глобално активираниот системот на произведување севозможни видови заборави…, наведуваат од „ВиГ Зеница“.

Романот „Заборав“ е проследен и со содржаен предговор на Глигор Стојковски, издавач, писател и книжевен критичар. „Заборавањето – се вели во неговиот опсежен текст насловен „Време на амнезии“ – е модерен, феномен што ги надминува вообичаените индивидуални, медицински рамки, покрај другото, и затоа што веќе е инструмент за политичка, за манипулација од (по)широки размери, вглобена во досегашните, доволно проверени и успешни поигрувања и изигрувања со и на, безмалку, целото општество“. Во својата најнова книга, Османли опишува состојба во која систематично се произведува општество на лажни слики и на масовно осамени единки.

Ова е петтиот по ред роман, сосем различен во темите и пристапите, на современиот македонски писател Томислав Османли.

Дизајнот на кориците на книгата е на арх. Славчо Данаилов, а компјутерската обработка на Методија Ачевски и Sprint studio.

Објавувањето на романот е подржано од Министерството за култура на минатогодишниот конкурс.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.