Во елегантното здание на Офицерски дом, атмосферата беше тивка и свечена, со ветување за незаборавна ноќ.  27 април е денот на раѓањето на легендарниот Горан Стефановски во Битола, а најавениот концерт на виртуозот на гитарата Влатко Стефановски беше посветен на неговиот покоен брат. И тоа не беше обичен концерт, туку емотивна почит која никој од присутните не го остави со недопрено срце.

Битолскиот актер Борис Чоревски со својот моќен глас и драматичен талент ги оживеа сеќавањата за Горан и нивното детство, додека го делеа покривот на улицата “Београдска” бр.5 во Битола, а ги оживеа и зборовите од “Лет во место” во која самиот имаше ролја, пренесувајќи ја публиката во друго време и место. Тоа беше соодветна почит кон наследството на драматургот и потсетување на длабокото влијание што го имаше врз светот на театарот.

Влатко направи концерт со силна емотивна почит, по речиси пет години молк на тема загубата на својот брат и не остави недопрено срце. Страсната изведба на познатите негови нумери, со кратки посвети на Горан кои зборуваат директно од душата, го предизвикаа тој редок спој и на радост и на тага, така што на многумина им донесе солзи. Влатко и неговите прсти танцуваа низ жиците на неговата гитара, дури на мигови оставеше впечаток дека има повеќе инструменти, не само една гитара. Таа негова препознатливост на сложени мелодии, кои на Теохаров аудио системот, наменски донесен за овој настан во Офицерски дом, делуваа хипнотизирачки. Неговото свирење беше како разговор меѓу него и публиката, секоја нота беше како интимен израз на неговите најдлабоки емоции.

Трибјут концертот на Влатко Стефановски за Горан, ја однесе публиката на патување низ времето и просторот, будејќи интимна исповед од музичарот кој призна дека за прв пат ќе отсвири нешто што никогаш не го свирел, но таа вечер треба. За Горан Стефановски, како еден од големите фанови на The Beatles кој пасионирано ја следел нивната кариера и знаел секакви детали поврзани со нив, отсвирувајќи ја “Blackbird”, а потоа следуваше и Bob Dylan и неговата “Knockin’ on Heaven’s door”

Влатко Стефановски неколку пати ја подигна публиката на нозе, која му ги даде заслужените овации.

Фото: Александар Котевски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.