На 27 декември, во просторот на балетската сала при Македонскиот народен театар (МНТ), премиерно ќе се одигра претставата „Бакхи: Агава“, според Еврипид и Тамара Барачков, во режија на Нина Николиќ. Претставата е копродукција на „Перипетија продукција“, МНТ и Градски театар од Јанина, Грција.

„Агава е ликот за кој се зборува, а нејзиното однесување е предмет на толкување и прераскажување на останатите машки ликови. По чедоморството, Агава прозборува само во последниот чин. Но, злочинот го прави во состојба на занес и транс, таа сопствените постапки не е во состојба рационално да ги процесира и да ги вербализира. Токму затоа, во процесот на развивање на овој текст, во кој гласот и централниот простор ѝ се дава на Агава, се дефинира коренот на нејзините проблеми и незадоволството. Се поставува и прашањето: која е оваа жена денес?“, вели драматургот Барачков.

Играат Симона Спировска — Агава; Александар Михајловски — Пентеј; Григор Јовановски — Дионис. Хор: Марија Кеврекиду, Ана Марија Бутниок и Афродита Атанасопулу.

Сценограф е Ангел Петровски, костимите се на Ивана Каранфиловска-Угуровска,а дизајнер на звук е Александар Арсиќ.

Николиќ во МНТ ги постави и претставите „Народен непријател“ (2022), „Нема да биде крај на светот“ (2021), „Отело“ (2019), „Галеб“ (2018) и „Разговори во четири очи“ (2015).

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.