Ни беше важно да ги споделиме нашите искуства од војната, за да можат да учат од нашите грешки од минатото, рече синоќа режисерката Теона Стругар Митевска на македонската премиера на „Најсреќниот човек на светот“ која се одржа во скопското кино „Милениум“.
По синоќешната премиера, филмот во следните две недели ќе се прикажува во кино „Милениум“ од 20 и од 22 часот.
Ова е шести игран филм на Теона С. Митевска по „Како убив светец“, „Јас сум од Титов Велес“, „Жената што си ги избриша солзите“, „Кога денот немаше име“ и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.
Овој филм го спремав повеќе од пет години. Додека го снимавме не можевме да претпоставиме дека ќе почне нова војна на европската територија. Одеднаш филмот, кој зборува за минатото и како да се справиме со неговите лузни, станува наша реалност, рече режисерката Митевска.
„Најсреќниот човек на светот“ имаше светска премиера на 2 септември годинава на Фестивалот во Венеција во програмата „Хоризонти“ и е македонски кандидат за „Оскар“ во категоријата најдобар меѓународен филм.
По премиерата на филмот во Венеција, го прикажавме филмот во Киев, пред две недели. Тоа беше исклучително тешко и емотивно искуство. Но, нас ни беше важно да го направиме токму тоа, со надеж дека може да ги споделиме нашите минати искуства, за да можат да научат од нашите грешки од минатото. Како уметник, важно ми е да зборувам за актуелни теми, колку и да се тешки и болни, да бидам бескомпромисна и храбра, бидејќи длабоко верувам дека само така може да одиме напред, рече Теона Митевска.
„Најсреќниот човек на светот“ е на босански јазик. Главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ, а уште играат: Ксенија Маринковиќ, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ и македонските актери Ана Костовска, Лабина Митевска, Николина Кујача, Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева.
Филмот е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ. Сценариото е на Теона С. Митевска и Елма Татарагиќ, врз чија вистинска приказна е заснована приказната.
Актерката и продуцентка на филмот, Лабина Митевска им се заблаодари на сите оние кои што помогнаа да се направи овој филм.
Се надевам дека уживавте во овој филм онолку колку што е тежок, колку што ние уживавме да го создадеме. Филмот ја почнува својата редовна дистрибуција низ светот, тоа нè прави среќни. Колку и да е тешка уметноста, мислам дека сме должни секогаш да зборуваме, дискутираме и понекогаш да нè боли стомак со денови, рече Лабина Митевска.
Во ноември филмот ќе се прикаже на шест фестивали низ светот. „Најсреќниот човек на светот“ ќе има проекција на Филмскиот фестивал во Солун, каде режисерката Теона С. Митевска ќе биде и дел од интернационалното жири. Од Солун, филмот продолжува во Филмскиот фестивал во Љубљана, Словенија каде што од 9 до 20 ноември филмот ќе биде пропратен со панел предводен од режисерката посветен на пост-југословенската кинематографија.
Филмот ќе продолжи за Интернационалниот филмски фестивал во Арас, Франција кој започнува на 7 ноември и каде ќе биде прикажан во главната конкуренција. Дистрибуцијата во Франција е закажана за 22 февруари 2023. Во ноември филмот ќе биде прикажан и на Авторскиот филмски фестивал во Србија, како филм кој ќе го затвори фестивалот, а Митевска ќе го предводи интернационалното жири, по што веднаш следува Филмскиот фестивал во Атина и Интернационалниот филмски фестивал во Керала, Индија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.