Во Кинотека на Македонија синоќа беше отворена Недела на полски филм, во рамките на која ќе бидат прикажани шест филмови од култниот полски режисер Анджеј Вајда.

Сам си ветив дека еднаш кога ќе имаме кино ќе ја реализирам ретроспетивата на филмовите на Анджеј Вајда. Ги имаме шестте најдобри филмови, иако со Пјотр Висоцки од полската амбасада со кого соработувавме на проектов се согласивме дека недостига еден филм, „Ветена земја“, но него го прикажавме пред четири години така што не сакавме да се повторуваме во таа насока, истакна Владимир Ангелов, директор на Кинотеката кој на публиката и посака да ужива во филмовите на овој голем мајстор на филмската уметност.

Од името на амбасадата на Полска во Македонија пред присутните се обрати Пјотр Висоцки, изразувајќи благодарност на Кинотеката на Македонија за интересот, соработката и реализацијата на проектот.

Анджеј Вајда е еден од нашите највредни филмски режисери и еден од ретките кој се бори и ја раскажува историјата на Полска. Ќе видите многу настани од историјата на Полска во неговите филмови, историски личности, настани. Секогаш е предизвик да се гледаат неговите филмови, бидејќи тие се на некој начин лекции по историја.

Шесте наслови од филмската недела посветена на Анджеј Вајда, хронолошки ги опфаќаат неговите рани (црно-бели) трудови: КАНАЛ (Kanal) од 1957 година, ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ (Popiól i diament / The Ashes and Diamonds) од 1958, НЕВИНИ ВОЛШЕБНИЦИ (Niewinni czarodzieje / Innocent Sorceres) од 1960, ПЕПЕЛТА (Popioly / The Ashes) од 1965 година (епска сага за полските легии во Наполеоновите војски од почетокот на 19-ти век), и двата иконични наслови од зрелото доба на авторот: ЧОВЕК ОД МЕРМЕР (Czlowiek z marmuru / Man of Marble) од 1977 и ЧОВЕК ОД ЖЕЛЕЗО (Czlowiek z zelaza / Man of Iron) од 1981.

Каков режисер е Анджеј Вајда (1926-2016)?

Неговиот авторски потпис стои на шпиците на повеќе од 50 филмски и телевизиски проекти во полска и интернационална продукција, има освоено 60 награди на најпрестижните филмски фестивали во светот и речиси уште толку номинации. Меѓу останатите награди, во 1990 година ја добива „Европската филмска награда за животно дело“, на Берлинале во 1996 година ја добива наградата „Сребрена мечка“ за посебен придонес во филмската уметност, на Филмскиот фестивал во Венеција во 1998 година добива „Златен лав“ за животно дело, во 2000 година и почесен „Оскар“, а во 2006 година и почесна награда „Златна мечка“ на Берлинале.
Роден нa 6 март 1926 година во Сувалки (Suwalki), Полска, починал на 9 октомври 2016 година во Варшава. Мајка му Аниела била учителка во украинско училиште, татко му Јакуб бил капетан во полската армија (пешадија).
Детството со брат му пред Втората светска војна го паметел како среќно, бидејќи со почетокот на војната го губи таткото, а во 1942 година станува член на движењето на отпорот. По војната се сели во Краков и студира сликарство на Академијата за применети уметности. Во периодот од 1950 до 1954 студира филмска режија на Филмската академија во Лоѓ, а веднаш потоа го снима и споменатиот дебитантски филм ПОКОЛЕНИЕ, воена драма, која со КАНАЛ и ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ, ја сочинуваат неговата трилогија за Полска за време на Втората светска војна.
Со КАНАЛ започнува и долгата низа награди од најзначајните филмски фестивали во Европа и светот: „Специјална награда“ на жирито во Кан за КАНАЛ, ФИПРЕСЦИ (FIPRESCI) во Венеција за ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ… Во 1959 г. го снима првиот филм во боја ЛОТНА, кој подоцна самокритично ќе го оцени како неуспешен. Потоа, со филмот НЕВИНИ ВОЛШЕБНИЦИ ѝ се навраќа на црно-белата фактура – со Јиржи Анджејевски и Јиржи Сколимовски како сценаристи и Роман Полански како актер – па следуваат епските драми САМСОН (1961) и СИБИРСКАТА ЛЕДИ МАГБЕТ (1962) во југословенска продукција, а и ВРАТИ НА РАЈОТ (Gates to Paradise; 1968) во југословенско-англиска копродукција, како и воениот спектакл ПЕПЕЛТА во 1965. Во средината на шеесеттите години, често престојувал во тогашна Југославија, посебно во Белград, па бил заинтересиран да сними филм според два раскази на нобеловецот Иво Андриќ, „Приказни за везировиот слон“ и „Мара милосницата“, а ја развивал идејата за филм инспириран од Гаврило Принцип и другите атентатори на автроунгарскиот принц Фердинанд во Сараево 1914 година.
Кон крајот на шеесеттите им се враќа на актуелните полски теми, па го снима СÈ Е НА ПРОДАЖБА (Wszystko na sprzedaź, 1968) како омаж на нему омилениот актер Збигњев Цибулски, кој трагично загинал во сообраќајна несреќа. Следуваат романтичната комедија ЛОВ НА МУШИЧКИ (Polowanie na muchy, 1969), воената драма ПЕЈЗАЖ ПО БИТКА (Krajobraz po bitwie, 1970), а со новиот заштитен знак на неговите филмови, актерот Даниел Олбрицки,
ги снима и БРЕЗОВАТА ШУМА (Brzezina, 1970) и историската драма ВЕТЕНАТА ЗЕМЈА (Ziemia obiecana, 1975), која постигнала голем успех: номинација за „Оскар“ за најдобар странски филм и најдобар полски филм таа година.

Паралелно со филмот поставува и успешни претстави во полските театри, често користејќи го методот да ја „провери“ темата на театсрките штици, а потоа пред филмските камери. Таков е случајот со ВЕТЕНАТА ЗЕМЈА, СВАДБА (Wesele, 1973) и ГОСПОЃИЦИТЕ ОД ВИЛКИ (Panny z Wilka, 1979), а подоцна и БЕСОВИ (Les possédés, 1988) според Достоевски и ДАНТОН (Danton, 1983) – обата во француска продукција.
Во седумдесеттите години од минатиот век, историјата на филмот сведочи на зрелата фаза во творештвото на Вајда, кога се нижат: БЕЗ АНЕСТЕЗИЈА (Bez znieczulenia, 1978) со „Награда на екуменското жири“ во Кан; ЧОВЕК ОД МЕРМЕР со наградата ФИПРЕСЦИ во Кан; ЧОВЕК ОД ЖЕЛЕЗО со „Златната палма“ и „Наградата на екуменското жири“ на Канскиот фестивал во
1981, како и со номинација за „Оскар“, кога тогашните комунистички власти во Полска го повлекуваат филмот од компетиција.
Во осумдесеттите години Вајда повторно снима европски копродукции. Со ДАНТОН (Danton 1983), со Жерар Депардје во главната улога – ја освојува националната филмска награда на Франција „Цезар“ за режија; во Германија го снима ЉУБОВ ВО ГЕРМАНИЈА (Eine Liebe in Deutschland, 1983), во Полска го реализира ХРОНИКА НА ЉУБОВНИТЕ НАСТАНИ (Kronika wypadków milosnych, 1986), а во Франција го снима БЕСОВИ (1988).
И покрај годините, Вајда и на преминот на векот снима филмови, речиси до самиот крај на животот. Неговата филмографија е збогатена со биографската драма КОРЧАК (Korczak, 1990), па следуваат НАСТАСЈА ФИЛИПОВНА според „Идиот“ на Достоевски (1994), воената драма ГОСПОДИН ТАДЕУШ (Pan Tadeusz, 1999), како и ОДМАЗДА (Zemsta, 2002), според неговата театарска претстава, во која повторно соработува со Роман Полански.
Во 2007 година го реализира КАТИН (Katyn), историската драма за масакрот на полските офицери во Катинската шума во 1940 година, кога настрадал и татко му, и кој бил прогласен за филм на годината во Полска, а добил и номинација за „Оскар“ за најдобар странски филм. Меѓу последните реализирани филмски наслови се: СЛАТКО ЗНАМЕ (Tatarak, 2009) со Кристина Јанда; потоа биграфската драма ВАЛЕНСА: ЧОВЕК НА НАДЕЖТА (Walensa. Czlowiek z nadziei, 2013) за водачот на полското движење Солидарност, и повторно биографската драма ПОСЛЕДОВАТЕЛНИ СЛИКИ (Powidoki / Afterimage, 2016) – за животот и творештвото на полскиот сликар Владислав Стржемински (Wladyslaw Strzeminski).
Меѓу општествените активности на Вајда забележани се политичката активност како член на Сенатот на Полската Република од 1989 до 1991 и член на Советот за култура на полскиот претседател од 1992 до 1994. Вајда го основал и Јапонскиот центар за уметност и технологија во Краков (1994), а во 1997 е примен во француската Академија на уметностите (Académie des Beaux Arts), пишува Стојан Синадинов, филмски критичар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.