Фестивалот „Џифони Македонија“ на седмата серија од „Џифони филмски денови“ ќе го прикаже анимираниот француски филм за деца „Детето фантом“ в сабота  (21 мај) во 10 часот во Кинотеката. Филмот е синхронизиран на македонски јазик, продукцијата е од 2015 година во режија на Жан-Луп Фелисиоли и Алан Гањол.

Детето фантом е всушност Лео, 11-годишно момче од Њуjорк, кое е суперхерој. Лео е во болница и страда од сериозна болест, но дознава дека може да го напушта телото и да лета низ градот, да поминува низ ѕидови како фантом. Се спријателува со Алекс, полицаец, кој привремено е во инвалидска количка. Принудени се да внимаваат на Мари, своеглава новинарка, која тргнува во потрага по злосторникот, а во која Алекс е тајно вљубен. Тие тројца треба да го спасат градот од лошиот и криминален шеф.

По дискусијата на филмот, во 12.30 часот ќе започне „Филмска работилница“ со режисерката Марија Џиџева, за сите оние што сакаат да снимаат филмови и видеа.

„Џифони филмски денови“ е програма што привлекува големо внимание кај учениците што ја сакаат филмската уметност. После секоја проекција, следува дебата во која активно се учествува. Деновите се отворени за ученици од основно образование, а по проекцијата на филмот ќе следува дискусија.

Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката на Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони Експириенс“.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.