„Нè чека пат“ е насловот на најновата поетска книга од современиот македонски поет и литературен критичар Санде Стојчевски која излезе деновиве од печат во издание на „Дијалог“ од Скопје.

Поетот, критичарот и есеистот Санде Стојчевски, како што наведува издавачот, е препознатлив со исклучителна творечка посветеност, која се открива како вистинска опсесија со текстот. Тој е осведочен лиричар, но и компетентен промислувач на уметноста на зборот, па оттука неговите книги се одликуваат со едно вдахнато поткревање на текстот и со негова нагласена лирска интонација. Во рамките на лирските слоеви тој вградува поетички елементи, збогатувајќи ги на тој начин опсегот и волуменот на лирската структура.

-Ова се квалитети и својства и на неговата најнова книга. Станува збор за едно ново, лирски поткренато и неотстапно навраќање на неговите, веќе со години прокламирани и аргументирани разбирања на природата на лирската песна, овојпат преку степенување на пристапот, преку проверка низ конкретна лирска пракса и преку очигледна потрага и преиспитување на формулите и патиштата што би можеле да водат кон творечка реализација на пев кој се доближува до атрибутите на поетска структура со елементи на врховност. Со други зборови, песните во најновата книга на Стојчевски се чекори, скали, степени на присност со визијата за песна што би се одликувала со полнота, со нагласен копнеж по неможност од инаков пев, се наведува за новата книга поезија на Стојчевски.

Изданието финансиски е помогнато од Министерството за култура.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.