Народен театар од Белград вечер на сцената „Долни Сарај“ ќе ја изведе претставата „Војна и мир“ од Лав Николаевич Толстој, во режија Борис Лијешевиќ, во рамките на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Селекторката на драмскиот дел од фестивалската програма, Сања Арсовска, денеска на прес-конференција посочи дека публиката ќе биде сведок на комплексно дизајнирани животи, кои се во постојана потрага по смислата на животот, на Бога. Собрани се заедно да ја покажат волјата за одлучувањето и да го покажат текот на човечките настани. „Војна и мир“, според неа, е дело кое може да биде политичко, историско, љубовно, егзистенцијално, социјално, секакво.
Комплексно и многуслојно во својата наративна структура, во психологијата на ликовите, во значењето на дејствијата. Војната и мирот, односно зборовите кои го обликуваат насловот, што асоцира на политичка состојба и на историски настан, од друга страна може да значи и состојба на човековиот ум. Постојаната војна со човечките страсти и желби, духовните конфликти, како и вечната потрага по мирот во самите нас, истакна Арсовска.
За режисерот Лијешевиќ, „Војна и мир“ е голем роман, кој е тешко да се сведе на неколку реченици, да се каже што е најважно. Тоа, посочи, е роман и претстава, која говори и за смислата на историјата, но и за смислата на човековото постоење и бесмислата на војните.
Тоа што мене ми беше важно е таа Толстоева перспектива, во која војните и мировите се случуваат секаде на сите простори и во геополитичка смисла и во длабоката интимна човечка смисла. Односно, војната и мирот се и во човекот, во односите меѓу луѓето, во природата, во историјата и се тоа е само некој дел од општото постоење. Тоа се некои нормални циклуси во историјата, која се менува, во која наизменично се менуваат војната и мирот. Во романот се генерации кои растат во тој период на војната, која го формира животот, судбините. Луѓе кои бараат смисла, љубов, Бог, рече Лијешевиќ.
За „Војна и мир“ вели дека е тешко да се прочита романот, а уште потешко да се драматизира.
Во тек на процесот на работа на драматизацијата отпаѓаше дел од материјалот, бидејќи првичната веризја беше 350 страници, а последната се сведе на 70 страници. Животот ме научи дека секогаш треба да одиме во правец на својот страв и дека тие работи кои на почетокот изгледаат невозможни, на крајот секогаш излегуваат најубави. И да успеавме да дојдеме до последната сцена, премиерата, публиката, но и до „Охридско лето“, нагласи режисерот на претставата.
Уметничка директорка на Народен театар – Белград, Молина Удовички, изрази задоволство за повторното гостување на „Охридско лето“, по речиси една деценија. Во однос на креирањето на претставата забележа дека процесот и асоцирал на вајарска работа, а за нејзината реализација била потребна голема храброст.
Прво беше едно грубо дело, потоа отпаѓаа делови додека не дојде до фина изработка. Мене ми е исклучиво важно, а важно е и за претставата дека во суштина е многу драга, храбра и во однос на Толстој, но и на комплетниот резултат. За претставата требаше храброст и полно срце. Дел од актерскиот Ансамбл се глумци, кои се спремни да го остават срцето на сцената и тоа се чувствува во претставата. И тука некаде е таа љубов, која е Толстоева филозофија. Тоа е една трпелива и посветена работа, рече Удовички.
Според дректорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, денешната претстава ќе го потврди квалитетот кој годинава го има драмската програма на фестивалот.
Токму претставата „Војна и мир“ е една од најпривлечните за љубителите на театарот со што можам да кажам дека гледалиштето на отворената сцена на Долни Сарај ќе биде исполнето до последното место, рече Поповиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.