Наџат Ел Хачми е мароканско-шпанска писателка која пишува на феминистички теми. Родена е во Надор (Мароко) во 1979 година. На осумгодишна возраст емигрирала со своето семејство во Каталонија. Студирала арапска литература на Универзитетот во Барселона. Почнала да пишува кога имала дванаесет години, на почетокот од забава, а подоцна и како начин за изразување на сопствените размисли, но и за фрлање поинаква светлина на сопствената реалност составена од (најмалку) двете култури на кои припаѓа. Од објавените книги се истакнуваат „Последниот патријарх“ (2008), дебитантски роман кој ги освоил – една од најпрестижните награди во Каталонија, Рамон Љуљ, и наградата Улис, како и романот „Ќерката на странецот“ (2015) кој ги има добиено наградите Сант Жоан за најдобар роман и Наградата на градот Барселона.
Сите нејзини дела се преведени на голем број јазици. По прославениот феминистички есеј „Отсекогаш зборувале за нас“ (2019) го објавува романот „Во понеделник ќе нè сакаат“ (2021), за кој ја добива најпрестижната шпанска награда „Надал“. Во нејзините наградувани дела опфатени се темите на идентитетот, миграцијата и значењето да се биде жена во муслиманска средина. Таа, исто така, работи како новинар и колумнист, меѓу другото, и во шпанските весници „Ел Паис“ и „Ел Периодико“.
Наџат Ел Хачми е во Скопје каде ќе ја прими наградата „Букстар 2023“ за нејзиниот роман „Во понеделник ќе нѐ сакаат“, во превод од каталонски на Лара Прокопиева.
Во романот е раскажана судбината на една девојка од маварско потекло, ќерка на емигранти од Мароко, која поминува проблематични пубертетски години во строго контролирано и претежно муслиманско соседство во предградие близу Барселона за време на 1990-тите години. Постојаната присила да се покорува на закоравените религиозни правила и на машката доминација, типични за малото мароканско село од каде што доаѓа нејзиното семејство, се судираат со современото шпанско општество во кое живее Наима. Спротивставеноста на културите наспроти потребите и желбите на младата девојка се засилува по средбата и силното пријателство со уште една маварска девојка, која поседува смелост да живее на свој начин. Таа ја поттикнува Наима и самата да се впушти во потрага по сопствената индивидуална слобода…
Со Наџат разговараме за наградите, прашањето за идентитетот, борбата за правата на жените, новинарството…
Во Скопје доаѓате да ја примите наградата Букстар“ за романот „Во понеделник ќе нè сакаат“ (2021), за кој, исто така, ја добивте најпрестижната шпанска награда „Надал“. Што претставуваат наградите за Вас? Дали на нив гледате како на потврда или можеби обврска?
За мене оваа награда претставува голема чест, бидејќи значи дека читателите од друга земја кои говорат друг јазик одлучиле дека мојата книга е добра. За мене ова е чудо бидејќи не знам како токму со мојата книга се поврзале читателите, но таквите нешта се случуваат. Постои мала вознемиреност, но навистина мала, бидејќи сметам дека луѓето кои читаат книги, кои ја сакаат литературата се благородни луѓе. Тоа ме охрабрува понатаму да работам повеќе. Не поради тоа што се плашам дека ќе ги разочарам читателите, на тоа воопшто не помислувам кога пишувам. Пишувам колку што можам послободно и тоа е привилегија. Понекогаш не е сосема лесно, сам си со сите тие нешта во твојата глава, но сепак е привилегија зошто наоѓам мир кога пишувам.
Во Вашите дела опфатени се темите на идентитетот, миграцијата и значењето да се биде жена во муслиманска средина… Од каде ја црпите инспирацијата? Дали се ова можеби вистинисти приказни?
Пораснав со приказните што си ги раскажуваа жените меѓу себе во домовите. Тоа беше единственото место каде тие можеа да се чувствуваат безбедни и каде што можеа да си ги раскажат случките. Додека бев многу малечка уживав во нивното раскажување, бидејќи повеќето од нив беа неписмени, но сите умееја да раскажуваат и тоа беше многу интересно искуство за мене бидејќи слушав содржински богати приказни кои усно се пренесуваа. Потоа работев во градскиот совет во делот каде се прифаќаа мигрантите кои пристигнуваа во мојот град и од нив слушав многу приказни, така што како писател инспирацијата ја црпев од многу вистинити случи кои ми ги раскажале вистински протагонисти.
Имам и сопствени искуства и се обидувам да ја претставам оваа реалност, и да се фокусирам на нешта кои никогаш не се презентираат во медиумите. Има многу интересни приказни, кои јавноста никогаш не ги дознала.
Потекнувам од мало село во Мароко, кое го напуштивме со семејството кога имав 8 години. Во себе носам многу приказни од таму и тие не се во оваа книга, можеби ќе ги сместам во некоја друга зошто на тој начин ги чувам спомените. Ова пред се поради тоа што овие приказни усно се пренесуваат. Кога неколку пати ќе се прераскажат од еден на друг се видоизменуваат и тоа е мошне интересно за писателот. На пример, некоја случка, секој член од едно семејство ја раскажува од свој агол. Имам и такви приказни. И тогаш сфаќате колку е важна гледната точка на тој што раскажува.
Дали постои придвижување во насока на промена, на подобрување на состојбите во поглед на статусот на жените во муслиманската средина?
Жените родени во муслимански семејства веќе се будат и сфаќаат колку нефер е системот во кој живеат со сите правила кои мораме да ги почитуваме, како што е полигамијата, потоа забрана за сексуални односи пред бракот, тоа е забрането за жените, но не и за мажите. Никој нема да го казни мажот за такво нешто. Кога ќе видите што се случува во Иран, на пример…
Конзервативците и фундаменталистите ни велат дека не можеме да ги имаме истите права бидејќи сме жени и не принудуваат да го прифатиме она што е неприфатливо. Ќе биде тешка и напорна борба. Мислевме дека во Европа ќе бидеме побезбедни, бидејќи таму правата на жените се поголеми и не постои дискриминација, но и таму одредени муслимански движења не спречуваат да се избориме за своите права. Проблем е што мислам дека луѓето кои не се муслимани се малку збунети по ова прашање. Тие мислат дека жените во муслиманската средина треба да прифатат да бидат помалку вредни од мажите, некои од нив ги релативизираат проблемите околу правата на жените. Тие велат дека тоа е дел од културата, од религијата, но тоа не е религија на жените, туку на мажите, не е спиритуалност. Сега го знаеме тоа и мораме да се избориме. Имам големи надежи бидејќи се повеќе гледам млади девојки и жени кои се спротивставуваат на таа мизогинија . Мислам дека се во право, но знам и дека нема да биде лесно. Никогаш не било лесно, но мора да ја гледаме големата слика.
Култната книга на Амин Малуф, „Погубни идентитети“, кадешто овој поим се разгледува како плурален, бескрајно сложен, а единствен токму во комбинацијата на многубројните „припадности“ кои го сочинуваат е нашето неповторливо „јас“. Дали се согласувате со Малуф?
Сосема се согласувам. Сметам дека најстрашно нешто што може да направите со едно човечко битие е да се обидете да ги ставите „неа“ или „него“ во калап и да го моделирате. Да го поткаструвате по свој вкус. Многу сум размислувала за ова прашање, за идентитетот. Не затоа што сум сакала, туку затоа што морав. Растев во Каталонија и сите гледаа во мене и во моите браќа како на различни од нив, но и кога ќе отидевме во посета на роднините во Мароко и тие ни беа далечни, бевме како странци. Морав да размислувам за тоа и по многу години размислување, читање и пишување за тоа конечно сфатив дека им припаѓаме на луѓето што ги сакаме и тие што не сакаат. Врската која ја имаме е многу важна и според мене тоа е најважниот идентитет. Можеби некои од нив се Каталонци, некои се Мароканци, но тоа не е важно. За мене е најважна релацијата која ја имаме едни со други.
Работите како новинар и колумнист, меѓу другото, и во шпанските весници „Ел Паис“ и „Ел Периодико“. Како би ја оцениле состојбата во новинарството во Шпанија?
Пишувам колумни и мислам дека е многу важно на светот да му се раскаже вистината. Има многу лаги наоколу. Многу луѓе не ја кажуваат вистината или манипулираат со другите и така многу информации остануваат неоткриени.
Има многу центри на влијание кои имаат свои интереси, но за новинарот е важно никогаш да не заборави дека тој е тука да ја каже вистината, а не приказната на моќниците.
Јас пишувам три пати неделно колумни во два весника и најчесто пишувам за секојдневни прашања. За идентитетот, емиграцијата, правата на жените, но и за прашања за кои сум загрижена како за децата, нивното образование…за проблемите кои му се важни на обичниот граѓанин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.