Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2022 година од областа на ликовната критика на Клелија Живковиќ. 

Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“ ја додели наградата за истражување и ликовна критика „Ладислав Баришиќ“ за 2022 година. Комисијата во состав Зоран Петровски, Иванка Апостолова и Ѓорѓе Јовановиќ одлучи наградата „Ладислав Баришиќ“ да се додели на проектот „Дизајн за оживување на Клелија Живковиќ заради внесување тематска новина  во досегашната критичко-теориска практика со фокусот на дизајнот и неговата трансдициплинарна релевантност во социјалната, економската и креативната сфера на современите општества. Акцентирајќи го прашањето „како ја замислуваме иднината?“ во контекст на дизајнот, истражувањето на Живковиќ со тоа ја акцентира и проективната суштина на оваа теориска и практична дисциплина, разгледувајќи ги притоа потенцијалите на дизајнот, особено во релација со акутните прашања на загрозеноста и заштитата на околината и иднината на еко-сферата.

 

Според Клелија Живковиќ, истражувањето е дел од „Creature Comforts“ (Суштински удобства), односно од неколку годишната љубопитност на авторката за тоа како дизајнерските пракси го обликуваат човештвото како вид. Во центарот на оваа пракса е процесот на прототипирање, развивање на модели за отелотворување и спекулација, барајќи увид во начините на кои човештвото се поврзува со остатокот од живиот и неживиот свет.

 

Прашањето „како ја замислуваме иднината?“ е вткаено во нашите избори додека ја градиме сегашноста. Испреплетеноста на тоа прашање со оваа комплексна сегашност која ја населуваме, овозможува полето на спекулативен дизајн да порасне како никогаш досега. Оттука, се поставуваат прашањата – што претставуваат овие спекулации?; Дали во себе содржат значаен увид во шансите живиот свет да опстане на оваа оштетена планета, или се палијативни заспивалки во подготовка за истребувачкиот настан кој се чини сѐ поверојатен?

 

Развојот и комплексноста на спекулативните методи и алатки дозволуваат нивната

примена да ја надраснува областа на дизајн, преминувајќи во процеси на креирање

стратегии и политики.  Ова истражување ќе ги прегледа трансдисциплинарните напори на дизајнерите за излегување од оваа моментална состојба на безизлезност, во која е неопходно да ги напуштиме застарените имагинации кои ја реализирале својата улога и да се впуштиме во потрага по нови, кои допрва ќе се раѓаат.

 

Преку разгледување на современите дизајн практики, истражувањето цели да го преиспита долготрајното уверување дека методологијата на дизајн е процес на решавање на проблеми, и да се обиде да ја постави како уметничка дисциплина која се занимава со светот обликуван од широката потрошувачка, исцрпувањето и распределбата на ресурси. Врамувајќи ја испреплетеноста на дизајн професијата со индустријата, а со тоа и исцрпувањето, дистрибуцијата на ресурсите и развојот на човечкиот род, ова истражување ќе понуди перспектива за креирање на дизајн методологија, насочена кон сродство, меѓузависност и оживување.

 

Клелија Живковиќ е трансдисциплинарна дизајнерка од Скопје која ги истражува паралелите помеѓу развојот дизајнот и развојот на човештвото како вид, преку прототипирање, педагошки пракси и партиципативни уметнички методи. Таа е автор на книгата „Prototyping Tenderness: a personal log of a dying world” во издание на Студио Приватен Принт, и ко-основачка на Платформата за граѓанско учество преку културни и уметнички пракси – Социопач и интердисциплинарното дизајн студио Pillow Talks. Соработува со локални и меѓународни организации и институции како Музејот на современата уметност – Скопје, проектниот простор Прес ту егзит, Универзитетот за применета уметност – Виена и други.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.