Со „Мими“, вториот долгометражен филм на Даријан Пејовски, вечерва (21 часот), на кровот на ГТЦ ќе се отвори 21. издание на Фестивалот на европски филм, „Синедејс“ кој го организира Младинскиот културен центар (МКЦ). Оваа година Фестивалот се одржува под мотото „Од високо подобро се гледа“, ќе трае до 14 јули, а ќе бидат прикажани педесетина филма.

Пред седум години токму на „Синедејс“ премиерно беше прикажан дебитантскиот филм на Пејовски, „Три дена во септември“, кој го отвори фестивалот и тогаш доби награда за најдобро сценарио на „Синедејс“. Вториот филм на Пејовски, „Мими“ повторно е во натпреварувачка програма.

По скопската премиера, „Мими“ ќе има светска премиера на Пулскиот филмски фестивал, чие 69. издание ќе се одржи од 16 до 24 јули.

Во „Мими“ ликовите се поамбивалентни, многу повеќе се вкоренети во ова секојдневние кое го живееме, оттаму не сте секогаш сигурни дали навивите за вистинската страна секогаш. Многу лесно оваа приказна може да се претвори во источноевропска социјална драма, меѓутоа јас се обидов да ја раскажам малку поинаку. Скопје е претставен како се чувстувам јас кога е во прашање нашиот град. Се работи за ликови кои играат улоги коишто не си ги одбрале самите. Затоа се и жени главните ликови и како навидум нормализирани ситуации доведуваат до трагичен крај, вели режисерот Пејовски, кој е и автор на сценариото.

Главните улоги во „Мими“ ги играат Наталија Теодосиева и Тамара Ристоска, а во филмот уште играат и Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ. Кинематограф е Дејан Димески, сценографијата е на Игор Тошевски, костимограф е Емилија И. Атанасовска, Ива Куробаса работи на шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски.

Признавам дека лагодно течеше градењето на ликот на Мими во филмот. Кога го запознав Пејовски на кастигнот, видов дека точно знае што сака. Му верував и меѓу нас имаше голема доверба. Тамара Ристоска, која го глуми ликот на Сара многу ми помогна, бидејќи таа веќе беше во поделата на улогите, вели актерката Теодосиева, која го глуми ликот на Мими во филмот.

Актерката Ристоска потенцираше дека е многу важно влијанието на режисерот.

Едно е како ќе те води, а друго е слободата што ти ја дава. Многу е важно за еден актер да му се дозволи да експериментира, импровизира со својот лик, рече Ристоска.

Филмот е копродукција на Скопје Филм Студио со Maxima film од Хрватска и Giggling goat production од Црна Гора, и е направен со поддршка од Агенцијата за филм, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора.

Настанот ќе се одржува на повеќе локации во градот – на покривот на ГТЦ, на покривот на Дом на градежници, Музеј на современа уметност, Авто киното на Водно, во МКЦ парк, во кино Милениум и Кинотека.

Фестивалот ќе заврши со „Нема да си сама“ на Горан Столевски, кој што го сврте вниманието на светската филмска јавност по премиерата на „Санденс“. Со прикажувањето на „Синедејс“ филмот „Нема да си сама“ го почнува својот живот на европско тло.

Годинешната програма на „Cinedays“ е селекција на Бернд Будер, и во неа ќе мождат да се погледнат светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во неколку нови и веќе познати програмски целини: Официјална селекција, SEE програма, МК Shorts (кратки филмови), Ретроспектива на Фатих Акин, како и Гала програмата на фестивалот во која доминираат филмови од годинешново издание на Канскиот фестивал.

Во рамки на овогодинешната програма e мастер класот на Џон Џост, еден од најплодните и најзначајните американски филмски автори. На мастеркласот ќе се дискутираат и анализираат примери од различни фази на творештвото на Џост, како и извадоци од други филмски дела со цел да се одговори на насловното прашање на мастеркласот: Што е филм и што тоа може да биде?

На Синема форумот, киноприкажувачите од Балканот ќе се дискутираат за своите актуелни предизвици, покрај размената на искуства и знаења кои произлегуваат од контекстите каде тие работат.

Овогодинешното издание има особен настан кој ја бележи костимографијата на филмските платна од 60-те до 2000 година именувана како „Лошите девојки од филмовите“. Со неа, велат од МКЦ, сакаат да дадат акцент на филмскиот живот во МКЦ кој бил многу активен и пред постоењето на „Синедејс“.

И наместо модна ревија, одлучивме да направиме селекцијата на различни рекреациии на филмски сцени и костими опфатени преку различни формати и визуелизации. Настанот е авторство на Сандра Шевандо, под кураторство на дизајнерот Драган Христов, велат од МКЦ.

Исто така белег на 21 – от „Cinedays“ е изложбата на плакати „Филмскиот плакат како визуелна гозба и информативна нарација“ со која се дава на увид приказната за создавањето на фестивалот преку колекцијата на плакати со која располагаме. Организаторите плакатите ги нашле во депото на МКЦ, тие се оригинали примероци филмската програма која постоела пред воопшто да биде создаден фестивалот.

Mузичката програма на фестивалот „Cinedays“ по втор пат го има Living music project, резиденцијална програма за режисери, композитори и филмски работници која ќе ја води композиторката Дарија Андовска, и во која ќе биде извадена од сенка аудитивната уметност на големите филмски дела.

Покрај тоа, МКЦ најавува концерти на италијанското дувачко трио „Fanfara station“, Истанбулскиот бенд „LALALAR“ и „CV vision“ од Берлин.

Билетите за CINEDAYS ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови, освен за филмовите од POP-UP КИНО ( Дом на градежници, МСУ и Авто кино Средно Водно) кои се бесплатни.

Со секој купен билет по проекцијата на филм може да уживате во концертната програма.

Фестивалот е поддржан од Делегацијата на ЕУ, Агенција за филм и Град Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.