Меѓународната поетско културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ го распиша конкурсот за доделување на наградата „Антево перо“ востановена во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски, за 2024 година.
Пропозициите наведени во конкурсот се:
1. Наградата „Антево перо“ за 2024 година се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга (поетски ракопис).
2. Покрај наградата „Антево перо“, се доделуваат и придружни награди, „Антев златник“ и „Антев часовник“. Комисијата го задржува правото да не ги додели придружните награди.
3. На Конкурсот можат да се јават сите автори кои имаат необјавен поетски ракопис на македонски јазик, без разлика на националноста, возраста, литературниот „стаж“ или државата во која живеат. Со оглед на тоа што покрај наградата „Антево перо“, на Конкурсот се доделува и наградата „Антев часовник“, Комисијата препорачува творците кои се помлади од 25 години, да наведат дека спаѓаат во оваа категорија на автори. Напоменуваме дека возраста воопшто нема да влијае на Комисијата при распределба на наградите. Доколку Комисијата оцени дека некој од младите автори има збирка која заслужува да ја добие наградата „Антево перо“, возраста воопшто нема да биде елиминаторен услов.
4. Наградата се состои во непрофитно објавување на поетскиот ракопис, со назнака на името на наградата на корицата од книгата, и со отстапување на комплетниот тираж (300 примероци) на авторот.
5. Книгата ќе биде квалитетно претставена и промовирана со посебен осврт од наш истакнат литературен творец во рамките на Mеѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
6. Пристигнатите ракописи ќе ги разгледува тричлена Комисија, во состав: проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетски професор, писател и книжевен критичар), д-р Атина Цветаноска, (книжевен истражувач, книжевен критичар и херменевтичар) и Жорж Поповски (новинар, член на семејството на Анте Поповски). Третиот член, има право на вето на одлуката на Комисијата, доколку смета дека делото кое Комисијата сака да го награди е под достоинството на поетското творештво на Анте Поповски, или го навредува јавниот и естетскиот вкус.
7. Ракописите треба да бидат напишани во Times New Roman, фонт 12 и да бидат испратени во електронски формат pdf или word на електронската адреса: [email protected] заклучно со 05 август 2024 година.
8. Кандидатите можат ракописот да го достават под свое име и презиме, или под шифра. Во вториов случај, авторството го докажуваат со копија од ракописот, по објавувањето на резултатите.
9. Кандидатите не мора да го чекаат последниот рок, затоа што Комисијата ќе ги прегледува ракописите сукцесивно, онака како што пристигнуваат.
10. Комисијата својата одлука ќе ја соопшти кон крајот на август 2024 година.
Наградата „Антево перо“ е востановена во 2018 година за необјавена поетска книга (поетски ракопис) и на конкурсот може да се пријават автори кои имаат необјавен поетски ракопис на македонски јазик. Досегашни добитници се: Славе Ѓорѓо Димоски за „Кумова слама“ (2018), Александра Димитрова за „Дупка“ (2019), Ана Стојаноска за „Потпис: Трепетлика“, Братислав Ташковски за „Небесни разговори“ (2021), Јулијана Младеновска Тешија за „Куќа“ (2022) и Александар Русјаков за „50 испеани приказни“ (2023).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.