Ансамблот на Народниот театар од Битола вечерва ќе ја изведе премиерата на претставата „ My name is Medeja “. Режијата е на Словенецот Себастијан Хорват , кој важи за исклучително активен и наградуван автор. Претставата е работена во драматизација на Милан Рамшак Марковиќ од Србија.

„My name is Medeja“, e претстава за женската моќ. Главната хероина, економска мигрантка од Балканот која заминала во Швајцарија, е вклештена помеѓу немилосрдната и безлична бирократија, од една страна, и расипаноста на поранешниот маж, од друга. Медеја се бори, но секој чекор што ќе го направи како да ја турка сѐ подлабоко кон дното и соочувањето со поразот. Во моментот на целосна немоќ, таа сепак пронаоѓа надеж, но надвор од координатите во кои се движела дотогаш (митска омнипотенција/тотална немоќ) – откривајќи дека вистинската сила секогаш се наоѓа во односот со другите. Твојата болка не е само твоја, исто како што и твојата борба не е само твоја, вели драматургот Рамшак Марковиќ.

Во претставата настапуваат : Илина Чоревска, Огнен Дранговски, Катерина Аневска – Дранговска, Викторија Степановска – Јанкуловска, Јулијана Мирчевска – Мавровска, Иван Јерчиќ , Здравко Стојмиров, Соња Михајлова, Васко Мавровски, Сандра Грибовска – Илиевска, Анастазија Христовска, Никола Стефанов и Кристијан Танчевски.

Музика за претставата компонираше Драго Ивануша, сценограф е Валентин Светозарев, костимографијата ја потпишува Андреј Ѓоргиевски, а светло – мајстор е Игор Мицевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.