Фронтменот на „Фолтин“, Бранислав Николов, минатата година го објави првиот албум под своето алтер-его Пијан Славеј, а викендов го одржа својот прв концерт во Битола.

Претходно, промоцијата на албумот доживеа неколку настапи на овој артист на фестивалски и концертни сцени низ Македонија.

Го воведов Пијан Славеј мислејќи на себе. Но, направив песна за птиците со тој наслов, потоа Пијан Славеј си го избори местото да стане и наслов на албум. По извесно време се обидов тоа име да си го вратам за себе. Значи тргнав од себе, името го дадов на групата и сега повторно со пишувањето поезија и преточување на истата во музика си го вратив Пијан Славеј, вели Николов со појавата на албумот.

Бранислав Николов е текстописец, поет и музичар кој од првиот ден на неговиот богат музички и поетски пат внесува еден нов иновативен правец и сензибилитет на македонската сцена и во тоа што го создава во неговиот матичен бенд, но и последните пар години во овој негов соло проект. Концертот кој се случи на сцената на Битолскиот театар, беше лична средба на публиката со стиховите и музиката на Бранко, во кои секој може да се пронајде, зошто тој директно и едноставно зборува за своите чувства, за своите размисли, но и за неговото искуство од ова наше време.

На неговите соло настапи, Бранислав Николов прави интересни музички спојки, кои се очигледни и со гостување на бројни исклучителни артисти и изведувачи во неговите лични песни. Неговиот избран тим за овој концерт, беше пратечки бенд составен од Пеце Трајковски, Славчо Јовев и Андреа Мирческа, што само покажува дека Пијан Славеј не е случајно граден музички дом на еден човек, туку талентиран артист кој крај себе сака да ги има секогаш “своите” во мигот во кој созадава.

фото: Симоне Калица



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.