Со духовна грациозност и нагласен виртуозитет се огласија вчеравечер на „Охридско лето“ младите уметници од Србија, виолончелистката Ирена Јосиофоска и пијанистот Александар Џермановиќ.

Публиката уживаше во маестралната изведба на Сонатата во Це-дур за виолончело и пијано од Бетовен, во Фантастичните пиеси на Роберт Шуман, во Сонатата за виолончело и пијано од Сергеј Рахмањинов, како и во композицијата „Le grand Tango“ од Астор Пјацола.

Подиумот во црквата „Света Софија“ зрачеше од музичката убавина што ја приредија двајцата млади уметници со префинето мајсторство врз своите инструменти.

Ирена Јосифоска е една од најперспективните виолончелистки на нејзината генерација. Таа е победничка и освојува награди на повеќе национални и меѓународни натпревари.

-Првпат свирам во Македонија што е многу чудно зашто сум настапувала насекаде во светот, во Европа и во САД, а згора на тоа сум и половина Македонка. Но фестивалот „Охридско лето“ го следам уште од рана возраст. Доаѓајќи на одмор во Охрид имав можност да ги следам моите идоли и навистина е голема честа да настапам на концертниот подиум каде што свиреле и тие, рече младата виолончелистка Јосифоска.

Младиот професор и пијанистички виртуоз, Александар Џермановиќ,  е професор на Академијата за уметности во Нови Сад. Добитник е на бројни награди за пијано и камерна музика.

-Со Александар се знаеме од мали нозе, но не настапуваме често заедно. Досега сме одржале само три концерти и тоа на Балканот. Секогаш кога треба да се настапи на овие простори, секогаш се присетувам првин на него, додаде Јосифоска која по учеството на „Охридско лето“  ја очекува настап на фестивал во Полска.

Репертоарот на класична музика на 62-то „Охридско лето“ продолжува утревечер со  Музички времеплов на српските уметници Андрија Минчиќ на кларинет и Тадија Минчиќ на фагот во соработка со пијанистот Никола  Цветковиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.