Македонскиот ПЕН-центар со длабока индигнација и згрозеност го осудува бруталниот напад врз светски познатиот автор Салман Ружди, кој целото свое дело и живот ги посвети во одбрана на слободата на изразување и на човечкото достоинство.

По објавувањето на своето најпознато дело „Сатански стихови“ (1988), иранскиот верски водач, ајатолахот Хомеини во 1989 година му изрече фатва, па така Салман Ружди повеќе од половината од животот го помина под постојана смртна закана.

Но и покрај тоа Салман Ружди непоколебливо продолжи со својата мисија по светот ширејќи го гласот против верскиот фундаментализам, фанатизам и догматизам од секаков вид, укажувајќи притоа на длабоките културолошки и традиционални недоразбирања помеѓу Истокот и Западот.

Неговото дело и неговиот постојан активизам не запираат само на критика и смокритика, туку истовремено градат цврсти мостови на толеранција и разбирање меѓу различните народи, култури и религии во светот. Затоа безумниот и бездушниот напад врз него го сфаќаме како напад врз слободата на мислењето и изразувањето и, согласно начелата изнесени во Повелбата на Меѓународниот ПЕН, најостро го осудуваме и му пожелуваме на Салман Ружди брзо закрепнување од тешките повреди и продолжување на неговата благородна, космополитска мисија, се вели во реакцијата на македонскиот ПЕН-центар.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.