Филмот е национална добробит и мора континуирано да се прави. Филмот е одлична комуникација со светот и затоа треба да се инвестира во филмот, вели во интервју за МИА, професорот во пензија Димитар Грбевски, основач на Катедрата за филмска и ТВ монатажа на Факултетот за драмски уметности во Скопје, познат и признат македонски филмски и телевизиски монтажер, годинешен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Наградата што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија-ДФРМ, беше врачена на ИФФК „Браќа Манаки“ за исклучителен придонес на Грбевски во македонската кинематографија.
Радосен сум. Ова е признание кое долги години се формирало за да се дојде до признание. Првиот филм што го направив е „Црвениот коњ“ на Столе Попов, а пред него за телевизиски игран филм работев со Димитрие Османли. Во мојата професионална кариера работев во „Јадран филм“ во Хрватска каде и студирав. Последниот филм го работев со Митко Панов, станува збор за филмот „Сведок“. А во меѓувреме, во Македонија работев со сите режисери меѓу кои Ѓурчинов, Блажевски, Трајчов, Попов, Гапо, Мето Петровски, Зоран Младеновиќ, Стево Црвеновски…можеби некого во овој момент ненамерно нема да посочам, вели Грбевски во интервју за МИА.
Според Грбевски, филм мора да се прави.
Ние можеме целата македонска култура да ја префрлиме на филмот и да ја презентираме. Тоа е одлична комуникација со светот. Друг начин не постои. Снимен филм може да се пласира насекаде, на секој фестивал. Затоа треба да се инвестира во филмот. На пример, само со филм може да се оди на фестивалот во Кан. Филмот е најкомуникативен. Може да се понуди на е-мрежи и да се пласира насекаде. Ние со филмот „Медена земја“ се закитивме со две номинации за Оскар. Номинација за Оскар имавме и кога со Столе Попов го работевме филмот „Дае“. Јас како дел од тимот бев во Холивуд на доделувањето на наградата Оскар. Ден денес памтам кога еден господин ми пријде и ме праша -Што очекувате? Јас му одговорив: – Очекуваме да добиеме Оскар! А, тој веднаш рече: – Но, вие веќе го добивте оскарот бидејќи со самата номинација вие веќе имате Оскар, ми рече соговорникот. Престојот во Холивуд за мене е магија што ја видов и секогаш ќе ја паметам, додава годинешниот добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.