Секогаш кога зборуваме за жени кинематограферки, режисерки, се наметнува прашањето за мајчинството, како и за тоа, како успеваме да се грижиме за домот и за семејството. Но, каде се мажите во оваа приказна, одговорноста за сето ова ја имаат и тие. Ова беше нотирано на настанот „Моќните жени на Манаки“ кој се одржа во Кино Манаки, а на кој зборуваа жени кинематограферки од различни земји. Вечерва во Битола се затвора Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Инспиративни животни приказни споделија Алис Брукс, Ненси Шрајбер, Агнешка Селига, Клери Пиџман, Брижит Гудјонсдотир, Кристина Новак, Тереза Медина и Уна Менгес.

Моето семејство беше многу сиромашно. Кога бев млада имав две нешта за кои сонував, едниот – да станам кинематограферка и ми се исполни, пораснав на сет. Другиот сон ми беше да имам дете, сакав да бидам мајка. Имам ќерка која е радоста на мојот живот и која сега секаде доаѓа со мене. Работете за да ви се остварат соништата, кажа Алис Брукс.

Ненси Шрајбер рече дека е дипломиран психолог, но дека не сакала да го работи тоа.

Почнав да работам како електричар на сет, работев со режисерот, а не знаев ништо во врска со тоа. Не е лесно за жените во тој свет. Но, благодарна сум што почнав како електричар, за подоцна да можам да изучувам филм, и еве ме овде после повеќе декади, и денеска се радувам кога снимам филм, кажа Шрајбер.

Aгнешка Селига и Тереза Медина истакнаа дека морале да бидат креативни во професионалнот живот, кој им бил исполнет со мажи. Им порача на младите секогаш да веруваат во себе и да не престануваат да сонуваат.

Клери Пиџман кажа дека таа избрала школа за филм иако нејзините родители биле доктори.

Најпрво почнав да асистирам на сетови. Се прашував, како да почнам да снимам кога ова е машка професија. Со позајмени пари го направив мојот прв филм. Не жалам за ништо и се уште сакам да работам кинематографија“, кажа таа.

За родителите на Кристина Новак, школото за филм било шега, со оглед на фактот дека тие биле сосема нешто друго по професија.

Сите ние имаме различни приказни, но имаме иста енергија со која се почитуваме. Ние сме како како семејство“, кажа Новак.

Кинематограферката Брижит Гудјонсдотир сподели дека била одгледана од самохрана мајка.

Мајка ми работеше од утро до мрак. Таа ми беше пример и личност чии вредности ги следев низ животот. Подоцна и јас станав мајка, па ја носев и мојата ќерка на сетови. Почнав да работам како асистент во оваа индустрија. Кога видов дека Ненси Шрајбер е кинематограферка, потоа Алис, си реков, кога можат тие жени да го работат ова и да прават прекрасни филмови, можам и јас, кажа Брижит.

Уна Менгес сакала првично да работи како ветеринарка, но подоцна имала прилика да работи на филм, од каде почнала нејзината професионална приказна.

Знаете, кога треба да преживеете и да се грижите за ваше дете, ќе работите крваво за да успеете. Кога и да имам тешки моменти во животот или на сет, се потсетувам дека токму тоа ме расте и созрева и затоа сум благодарна за тоа“, кажа Менгес.

Некои од кинематограферките зборуваа и за менталното здравје, а неколкумина од нив работат и друга работа како план Б, во случај да немаат работа на филмски проекти. Така, Брижит рече дека е фриленс наставничка која го работи тоа кога не снима.

Најстресен период ми e кога немам работа меѓу филмови. Знаете, треба да јадеме и да плаќаме сметки секој ден. Имаме група за поддршка на менталното здравје, вежбам јога и наоѓам други начини да се справам со стресот, кажа Медина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.