Новата сезона 2024/25 на Македонскиот народен театар (МНТ) почнува во септември со редовниот репертоар, а новина е, како што соопштуваат од националниот театар, на барање на публиката, отворање на летната сцена „Славиша Кајевски“.
Кајевски беше актер на МНТ кој почина на 39-годишна возраст во декември 2021 година. Тој беше дипломец на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на професорот Владимир Милчин, во 2005, а од 2010 беше актер во МНТ. Меѓу улогите на Кајевски беа: Клег во „Бесачи“, Ленокс во „Макбет“, Семјон Семјеевич Медведенко во „Галеб“, Миле Прлиќ од „Ничија земја“, Императорот во „Авантурите на Аладин“, Еснафот во „Силјан штркот шанца“, Таткото во „Соларис“, Сергеј Александрович во „Животот е прекрасен“, „Тероризам“, Агамемнон и Еврипид во „Електра“, Таткото Тил во „Сината птица“… Го играше ликот на Фантом во филмот „Хомо “, Пики во „Црвената соба“, Павел Киров во „Последните Македонци“, Гласот во „Скопје Ремиксд“, Малиот во „Ова не е американски филм“, Јане во „Некои поинакви приказни“, Павел во „Превртено“, Војникот во „Караула“, Момчето со маска во „Бал-кан-кан“ …
Кон средината на октомври, на малата сцена премиерно ќе се одигра претставата „Бели ноќи“ во режија на Звездана Ангеловска (копродукциски проект), а на 17 октомври е договорено гостување со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ на Интернационалните театарски средби „Брчко Дистрикт“, БиХ, соопштија од МНТ.
На големата сцена следи премиерната изведба на претставата „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, кој направи избор од моќна актерска екипа. Претставата „12“ ќе биде работена по мотивите на (12 Angry man) од Реџиналд Роуз.
По премиерата, во ноември ќе гостува Српското народно позориште од Нови Сад со „Собирачи на пердуви“ во режија на Дејан Пројковски, претстава која го освои првото место на реномираниот српски фестивал „Театар во тврдината“, Смедерево, 2024 година.
Во ноември, исто така, премиерно ќе биде одиграна и претставата „Бог на колежот“ (копродукциски проект), по текст на Јасмина Реза, а во режија на актерката Весна Петрушевска.
Српскиот режисер Егон Савин ќе ја постави „Народен пратеник“, по текст на Бранислав Нушиќ. По претставите „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996), ова за Савин е трета режија во Македонскиот народен театар. Претставата „Народен пратеник“ на сцената на МНТ, за првпат е поставена во 1945 година, потоа во 1993 година, а ова е трета постановка.
Во декември е предвидена и премиерната изведба на копродукцискиот проект „Марта“ по текст на Драгана Лукан Николоски, а во режија на Нина Николиќ, соопштија од МНТ.
Од националниот театар додаваат дека со почетокот на училишната година, активно ќе продолжат организираните тури за посета на театарот, со посебен акцент за основните и за средните училишта.
На овие тури младите генерации ќе имаат можност да се запознаат со театарот преку разгледување на објектот, музејската поставка со посета на проби и разговори. Покрај онлајн продажбата на билетите на официјалната веб-страница www.mnt.mk, како новитет ќе се имплементира и мобилна апликација каде што публиката ќе биде во можност на побрз и на поедноставен начин да дојде до билет, велат од МНТ.
В. д. директорот Никола Кимовски со овластени лица како и со дел од вработените од техничките служби, направил целосна обиколка на објектот – во ентериерот и екстериерот, за утврдување на штетите создадени од природните непогоди/внатрешното прокапување, ронење на фасадата и сл., и нивна понатамошна санација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.