На големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) в среда, на 20 ноември е закажана премиерата на претставата „12“ во режија и адаптација на Синиша Евтимов, работена по мотивите на филмот „12 Angry Men“ од Реџиналд Роуз.

Претпремиерата, премиерата и следните две изведби на 21 и 22 ноември се распродадени, а како што велат од Нациналниот театар, се купуваат билети за мај.

Претставата е наменета за возрасна категорија 16+. Посветена на прерано починатиот, наш соработник и пред сѐ голем пријател, Мирко Попов, соопштија од МНТ.

Евтимов ја обедини моќната машка актерска екипа: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев. Во претставата игра Тања Ивановска (Судија).

Приказната ја следи поротата од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или да ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги поротниците да ги испитаат сопствените морални вредности.

Одбраната и обвинителството ја завршиле својата работа, а поротата е испратена во посебна просторија за да одлучи дали младиот човек е одговорен за убиството на сопствениот татко. Она што изгледа како лесна одлука, наскоро станува бура од емоции во која на виделина излегуваат сите мани и предрасуди на поротниците. Единствениот кој се противи на смртната казна и се сомнева во доказите што ги изнесува обвинителството е поротникот број 8.

Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото – Мартин Манев, а музиката е на ПМГ Колектив.

Евтимов е театарски режисер чии претстави се едни од најгледаните на домашната сцена. Во моментов во МНТ се уште се играат неговите „Мој термин“ (2019) и „Не се клади на Енглези“ (2014), а негови се уште и „Сомнително лица“ и „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“. Работи и во Театар Комедија („Илуминати“, „Ало, ало“, „Стјуардеси“, „Вардарски пастуви“, „Чао пријатно“, „Жена ми се вика Борис“), а соработува и во струмичкиот театар „Антон Панов“ каде што ја постави „Стилист“, во велешкиот „Четири соби“, во Турскиот „Кројач за дами“.

Мирко Попов беше негов соработник во ПМГ колектив, кој почина на 51-годишна возраст на 24 март годинава. Тој беше еден од пионерите на електронската сцена во Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.