„Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“ е насловот на изложбата на Мирослав Масин која утре (15 мај) во 20 часот ќе биде отворена во Даут-пашиниот амам во Скопје.

Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија. За комплексното творештво на Мирослав Масин, таа вели дека наметнатите ограничувања и норми, пред сè општествени трансформации и насилни мерки на прилагодување и експериментална затвореност се отфрлаат и настанува еден жизнерадосен конгломерат на фрагментирани делови на телото кои врескаат во екстаза и радост.

Тоа, од своја страна, е резултат на прифаќањето на самата животна суштина на видот/родот и другоста одразена во сопствената различност. Со и наспроти сите претходни анализи и критики на еволуцијата и цивилизациските вредности, мајмуните (мајмуноликите предци) на Масин се восприемаат како одраз на авторската идеја на нивно доживување и претставување како симбол на слободата и прифаќање на себството – пишува Чанкуловска-Михајловска во текстот од каталогот.

Масин вели дека додека растел сознавал дека има многу други добри автори на кои само им дише во вратот.

Младите автори треба да знаат дека треба многу работа и дека сите сме генијалци дома, но штом излезеш надвор од ателјето или од станот, има други фактори што ти укажуваат дека си само еден од многуте генијалци, со или без наводници. Дур се откриеш самиот себеси тогаш можеш да се наречеш уметник. Јас уште не се нарекувам уметник, треба да помине барем век, два, за историјата да проџвака да се види дали сум уметник“, кажа тој, вели Масин.

Мирослав Масин дипломирал на ФЛУ во Скопје во 1988 година. Зад себе има околу 40 самостојни и 200 групни изложби во: Македонија, Австрија, Данска, Франција, Бугарија, Турција, Италија, Чешка и Америка. Живее само од својата уметност, вели нема други приходи, а нема ниту стасус на слободен уметник.

Има живеачка ако ова си го работиш чесно. Кога си помлад кога почнуваш, нормално е дека е покомплексно. Сега некако полека ги надминувам баналните работи, вели уметникот кој поминал низ неколку креативни фази, но најпрепознатлив останал по мајмунот и во тоа време го свртел вниманието кон себе на француската културна јавност, како што истакна денес на пресот, директорката на НГ, проф.д-р Дита Старова Ќерими.

На изложбата во Даут пашин амам може да се погледнат над 150 дела на Масин, слики и објекти, од сите творечки фази и во сите техники, како што појасни денес кураторката на изложбата, Маја Чанкуловска-Михајловска.

Ќе бидеме сведоци на поделбата на очи, панделки, гради, усни, опашки, фрагменти кои имаат свое значење во процесот на трансформација: посебно усните насликани во стилизирана форма што потсетува на пеперутка или панделките кои се оној преоден знак за цивилизацискиот пресврт, сведување на телесните ликови/форми до фундаментални белези: клун, око, задник, стапало…Како и многу други сликари, Миро’ дошол во фаза кога не слика само на правоаголни платна, класично, туку на сѐ што има површини за сликање. Криви, овални, вдлабнати, испакнати… секакви. Еве, освен „нормални“ слики од циклусот „Enchante“, на изложбава ќе има и музички инструменти што се исправни и можат да свират, ама се осликани. Пијано, столица, дури и неговото сако на прес-конференцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.