Светскиот ден на уметноста и роденден на Леонардо да Винчи, се празнува и во нашата земја од самото негово воспоставување, а годинава Младинскиот културен центар и Асоцијацијата за култура ИКОН се одлучија да му го посветат овој празник на Денис Боувен (1921-2006), британски уметник и македонски културен амбасадор. Изложбата во негова чест ќе биде отворена на 15 април во 19 часот, во галеријата на МКЦ. Боувен пишуваше за македонската ликовна сцена во Лондон, но и неуморно работеше на собирањето уметнички дела од британски автори.

Со својата оригиналност и непосредност, со извонредното чувство за перцепција, уште во годините по Втората светска војна, Боувен се ослободува од влијанијата на традицијата. Прави голем исчекор, градејќи модерен начин на изразување и определувајќи се за апстрактната уметност. Впрочем, 20 век го смета за столетие на технолошки напредок, кој влијае и во неговото сликарство преку употребата на нестандардни материјали и форми. За својата уметност велеше дека е експлозија од бои сликани со нестандардни материјали, се вели во најавата на изложбата, која ќе биде отворена до 30 април.

Инаку, Боувен беше чест гостин на ликовните колонии во Струмица, Кичево, Крива Паланка, Охрид и остави зад себе стотици дела што сега се во јавни и во приватни колекции. За неговата работа, Град Скопје му ја додели наградата „13 Ноември“ во 2003 година, која не треба да се сфати само како награда за придонесот што го има направено за нашиот град туку и како македонска награда што му се доделува за пријателството со ликовните уметници, критичарите, поетите, но и со обичните луѓе од Македонија.

Денис Боувен е роден во 1921, во Кимберли, Јужна Африка. Студирал сликарство на „Ројал колеџ оф арт“, а по 1940 предавал во повеќе уметнички школи во Британија. Изложувал на големи национални и интернационални изложби и соработувал со уметнички списанија во Британија и во странство. Во 1954 г. бил избран за член на Кралската академија на Камбрија. Влијанијата од Париската школа, футуристите, Кандински и Макс Ернст, како и неговата опсесија со откривањето на просторот, се следат понатаму во негов сопствен, апстрактен стил. Во 1952 г., заедно со други уметници членови на Институтот за современа уметност, Боувен ја основал групата на слободни сликари и скулптори. Секогаш во центарот на новите идеи и техники, незадоволен од ограничувањата што ги наметнувале постојните галерии, Боувен и неговите колеги ја отвориле „Њу вижн сенр галери“, во 1954 г. Тоа била првата галерија посветена на апстрактната уметност. Во 1984 г., заедно со уметниците Џон Белани и Дерек Кули, ја основал „Келтик вижн“, претставувајќи ги современите уметници од Келтскиот Регион на Ирска, Шкотска, Велс, Корнвол, Британија и Галиција во северозападна Шпанија. Во 1997 г., Боувен изложувал во „Даорама арт галери“ во Лондон, заедно со Нино Спалоне, Пиндарос Михеладес и со Стефан Корт, во чест на „КОСМОПОЛИС – Артист оф д скул оф Лондон“. Изложбата била поставена во 1964 г., во „Витворт галери“ во Манчестер. Впрочем, негови дела се наоѓаат во голем број јавни и приватни колекции во светот.

Денис Боувен ги истражуваше другите култури поради своето убедување дека постои заедничка основа за човечкото искуство. Градеше врски и пријателства со уметници од земјите од Третиот Свет, од Африка до Средниот Исток, од Европа до Далечниот Исток. Уметниците може значајно да ги збогатат естетските дебати само ако се почитуваат ставовите на другите култури, напиша, меѓу другото, историчарката на уметноста Стела Сантакатерина во каталогот за изложбата „Денис Боувен 1921-2006, Уметноста како универзална димензија“, одржана во галеријата на Тутунска банка во Скопје, во 2011 година.

Марија Коробар, програмски раководител на ИКОН, ќе ја отвори изложбата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.