На Светскиот ден на поезијата, кога по повод 100 години од неговото раѓање, делото на великанот на македонската литература и култура, Ацо Шопов ќе се чествува и во седиштето на УНЕСКО во Париз, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) објави нов превод на негова песна на француски јазик.

Конкретно, како што соопштија од МСМЈЛК при УКИМ, објавена е антологиската песна „Љубов“ од поетската книга „Ветрот носи убаво време“, која сега за првпат е достапна во превод од македонски на француски. Преводот е подготвен по повод двата големи јубилеи – 100 години од раѓањето на Шопов и 50 години Лекторат по македонски јазик на Институтот за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз.

Amour

Toi qui me donnes la force d’être tel que je suis,

Toi qui portes mon épée avec un doux sourire,

J’ai été une fois enfant, pure bonté et amour,

J’ ai été ton innocence et ton chagrin.

Toi l’inaccessible à la pensée étrangère –

Je me tiens nu devant toi comme une inspiration.

Авторка на преводот е Гаел Лекок, учесничка на школите на МСМЈЛК при УКИМ и магистрантка по македонистика на ИНАЛКО, под менторство на проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро.

Како што е наведено во објавата на МСМЈЛК при УКИМ, во овој превод на „Љубов“ на Шопов е впишана и големата љубов на Гаел Лекок кон македонскиот јазик, литература и култура, која почна токму на ИНАЛКО, на Лекторатот по македонски јазик кој деновиве прославува половина век постоење. Но и воопшто љубовта и посветеноста на новите генерации македонисти во Франција на кои таа им припаѓа.

-Уште една потврда дека сме должни да вложуваме во иднината на македонистиката на ИНАЛКО! Да вложуваме во новите генерации македонисти во Франција, но и секаде низ светот! 50 години Лекторат по македонски јазик во светлината на 100 години од раѓањето на Шопов!, нагласуваат од МСМЈЛК при УКИМ.

Остварувањето на програмата „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, почна со Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, која беше во чест на делото на великанот, со учество на странски македонисти од четири континенти. Како што беше соопштено и тогаш, на Школата, поезијата на Шопов доби нови вреднувања, толкувања и преводи преку прочитот на странските македонисти од напреднатото рамниште, на кои се надоврзува и овој превод на француски јазик од магистрантката по македонистика на ИНАЛКО, Лекок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.