Македонисимо, проектот со македонска музика на пијанистот со светски глас Симон Трпечески и пријателите ќе биде прикажан в сабота, на 26 август во 20 часот во струмичкото село Секирник, соопшти КултурОп прес.
Селото Секирник се наоѓа во општина Босилово, Струмица, во подножјето на планината Беласица и е родно место на мајката на Трпчески.
Концертот во Секирник ќе биде организиран на отворено и ќе биде со слободен влез за сите заинтересирани љубители на Симон Трпчески и проектот Македонисимо.
Како што минатата година ја стартувавме македонската турнеја Македонисимо 2022, со организациски исклучително предизвикувачкиот концерт во с. Збажди, Струга – родното место на таткото на Симон Трпчески на 1000 метри надморска височина, на планината Караорман, така оваа година со овој исто така несекојдневен концерт ја стартуваме Балканската турнеја на Македоносимо, што ќе трае до октомври и ќе ги вклучи настапите во Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора, Романија, велат од КултурОп.
Овој проект ја имаше својата светска премиера на 18 мај 2017 година, на фестивалот Лудвигсбург, Германија. Македонисимо вклучува плетенки на македонски ора со неколку песни. Македонскиот композитор Панде Шахов ја направи транскрипцијата на музичките дела.
Проектот вклучува квинтет, камерен поглед на нашата музика, кој вклучува пијано, виолина, виолончело, кларинет, саксофон, кавал и удиралки. Успешно беше претставен во неколку земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словенија, Холандија, Обединетото Кралство и Јужна Кореја каде што се емитуваше директно на Јутјуб.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.