Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за време на Саемот на книгата, кој ќе се одржи од 3 до 9 мај, ќе додели признанија за најдобрите изданија, автори и издавачки проекти кои го одбележаа периодот од саемот минатата година до овогодишниот саем (септември 2021 – мај 2022 година).

МАИ ги поканува сите издавачи од  Македонија да ги испратат своите најдобри проекти и да учествуваат во трката за најдобри постигнувања во следниве категории:
1. признание за најдобра едиција,
2. признание за најдобро ликовно-графички уредено издание,
3. признание за најдобра книга за деца,
4. признание за автор на годината,
5. признание за најкреативно издание,
6. признание за поттикнување на општествена одговорност,
7. специјално признание за промотор на читачката култура и
8. признание за иновативност.

Наградите на МАИ, кои оваа година се доделуваат по шести пат, секоја година стануваат сè позначајни за издавачите. Нивната важност и тежина се огледува во фактот што за нив одлучува независна жири комисија составена од тројца членови, истакнати професионалци во доменот на книжевноста и графичкиот дизајн.

Оваа година комисијата е во состав: новинарката за култура Весна Дамчевска; книжевникот и театролог Сашо Димоски и графичкиот дизајнер и арт-директор Никола Војнов.

Наградите што ги доделува Македонската асоцијација на издавачи се признание за најкреативните и највредни автори, илустратори, издавачи и промотори на читањето, а нивната улога е да постават пример и да бидат инспирација за сите останати со крајна цел издаваштвото во нашата држава постојано да се развива и да поставува сè повисоки стандард, вели Бојан Саздов, претседател на МАИ.

Документот за аплицирање издавачите можат да го добијат пишувајќи на е-поштата [email protected].

Крајниот рок за испраќање на апликациите е 25 април 2022 година, а свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 4 мај, за време на Саемот на книгата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.