Во преполната книжарница на Литература.мк синоќа беше претставена сликовницата „Рокчето“ од поетот Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска.

„Рокчето“ е пишувана врз основа на традиционална приказна од струмичкиот крај која зборува за сите светови и времиња собрани во едно место – во рогот на еден вол; традиционална приказна во која несвесно живее идејата за универзалниот Борхесовски Алеф; приказна во која Алеф, односно (рогот на) волот, се претвора во Алфа или почеток на сите светови и градови, почеток на нов живот наспроти сите разделби, рече Маџиров.

Книгата ја промовираа Оливера Ќорвезироска и Ермис Лафазановски. Ќорвезироска се задржа на соработката меѓу авторот и илустраторката при што беше истакнато дека тие двајца воопшто не се познавале пред да почнат да соработуваат, но дека во текот на процесот на изработка на илустрациите, толку многу почнале да се надополнуваат што Маџиров почнал да пишува текст според двете облачиња кои ги нацртала Илиевска, додека таа, пак, без да знае, порцеланската кутија во која стои рокчето во приказната ја нацртала токму онаква каква што имале неговите баба и дедо.

Едноставно како да постоеше некоја невидлива врска. Кога го видов нацртано детето како спие во пижами точно онакви какви што имав јас се изненадив. Само што детето во приказната ги имаше сите цели копчиња, а моите беа искршени, дополни Маџиров.

За Анета Илиевска ова е прва ваква соработка и рече дека била многу возбудена уште на самиот почеток, а особено бидејќи ги работела илустрациите во еден за неа тежок емотивен период, тоа и помогнало полесно да се справи со другите животни предизвици со кои се соочувала во тие мигови.

Лафазановски најпрвин им се обрати на децата кои ги имаше во голем број на синоќешната промоција и кои заедно со своите родители ја следеа промоцијата која беше придружена со слајдови од илустрациите на книгата, но и музичка точка. На само нему својствен начин Лафазановски ја доближи содржината и до најмалите и до постарите читатели посочувајќи дека „Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот.

Зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев. Во неа, Маџиров еднакво е и поет и раскажувач, рече Лафазановаки.

Фото: Татјана Ранташа



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.