Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска посочи дека е донесена владина одлука да биде реновирана централната зграда на Македонска пошта. Како што најави, таа ќе има намена за мултифункционален комплекс кој што ќе биде подготвен и за потребите на Скопје „Европска престолнина на културата“ за 2028 година.

Ние веќе разговаравме со амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, пред тој да замине од функцијата. Разговаравме неколку пати, бидејќи седум години имало тенденција Министерството за култура да ја преземе Пошта и таа да стане друг комплекс, односно да има друга намена. Разговаравме и со министерот за транспорт и врски Александар Николовски и донесовме одлука на Влада дека таа ќе биде реновирана и ќе има друга намена, ќе има намена за мултифункционален комплекс, изјави денеска Љутков за време на посетата на НУ Национална опера и балет, во одговор на новинарско прашање.

Како што рече, формирана е работната група и треба да почне да работи. Работната група е сочинета од претставници и од Европски комисија, од Министерство за транспорт и врски и од Министерство за култура и туризам.

На новинарско прашање во врска со креативните индустрии, Љутков најави дека ќе следува посебен конкурс, на кој што во моментов се работи и набргу ќе биде објавен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.