Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во интервју за МИА информира дека се готови ревизорските извештаи како и извештајот од Министерството за култура за Агенцијата за филм и истите ќе бидат упатени до надлежните институции. Внатрешната ревизија во Агенцијата за филм беше извршена во текот на април и мај оваа година од Министерството за култура. Љутков неодамна информираше дека оваа Агенција должи некаде околу 11 милиони евра.

Проблемот настанува кога после 2018 година, буџетот кој што бил некаде околу седум до осум милиони евра на годишно ниво, наеднаш паѓа на околу два и пол милиони евра. Бидејќи тие не можат да се помират со фактот дека власта го намалува буџетот, си продолжуваат со еден процес кој се вели вака: „на необезбедени средства во текот на наредната година, вие склучувате договори на двојно повеќе“. Ова значи, ако имате договор на два и пол милиони евра за следната година, вие склучувате договори на речиси пет милиони евра и тие ги провлекувате во текот на годините, вели Љутков за МИА.

Тој напомена дека сега се наоѓаме во ситуација кога четири филма кои што имаат склучено договори, имаат обезбедно услови и имаат законски рок од пет години да го реализираат филмот, а во оваа година им истекува законскиот рок.

Агенцијата за филм ги нема тие пари за да ги покрие овие четири филма. Тоа се случувало низ годините. Ревизорските извештаи се готови, извештајот од Министерството за култура кој што е направен оваа година е готов и ние сите овие извештаи ќе ги упатиме да надлежните институции да можат да си ја бркаат својата работа и да видиме што е од тоа ќе излезе за да можеме да постапуваме понатаму. Јас како министер за култура не застанувам во овој процес ни на една ни на друга страна, мене ми е важна Агенцијата за филм, фокусот ќе ми биде таму и ќе гледаме да ги решиме тие проблеми, додаде Љутков.

Министерот најави и дека в петок ќе оствари средба со официјалните лица од Друштвото на филмски работници (ДФРМ), но тоа, како што рече, не може да донесе некакви промени.

Закажана е средба за петок со официјалните лица од Друштвото на филмски работници, но тоа не може да донесе некакви промени. Јас ќе разговарам со нив. Логична постапка е нивното барање и логичен одговор е да се сретнам со нив, но мене не ми е фокусот Друштвото на филмски работници. Извештајот не треба да се фокусира и не се фокусира на Друштвото на филмски работници, едноставно се фокусира на работата на Агенцијата за филм, мене тоа ми е важно. Но, ако се утврди дека има неправилности во Агенцијата за филм по однос на Друштвото на филмски работници, тоа си е последица една по друга, така да јас тука не можам ништо да направам, додаде Љутков.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.