Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска оствари работна средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Скопје, Анџела П. Агелер.

На средбата во срдечна атмосфера беа потврдени пријателските односи меѓу двете држави, со оглед на фактот што Соединетите Американски Држави се постојани поддржувачи на интегративните процеси на нашата држава.

Министерот Љутков ја запозна амбасадорката Агелер со реформирањето на Министерството за култура и туризам, а беше разгледана можноста за поддржување локалитети што се наоѓаат на транзитна маршрута за нивна поголема видливост за туристите кои транзитираат низ нашата држава.

Министерот Љутков упати голема благодарност до Амбасадата на САД во нашата држава и до амбасадорката Агелер за можноста за користење средства од Амбасадорскиот фонд за зачувување на културата. Од Фондот, преку јавниот повик, досега се издвоени над милион и пол долари со кои е извршена заштита на многубројни локалитети и објекти и е завршена реставрацијата и конзервацијата на значајни споменици на културата во нашата земја.

На средбата, Љутков и Агелер се согласија заеднички да го посетат монументалниот Споменик на слободата од Глигор Чемерски во Кочани, кој целосно се конзервира и реставрира со средства обезбедени од Амбасадорскиот фонд на САД.

Беше нагласена и важноста на американските катчиња (во Скопје, Битола, Тетово, Штип и во Струга), чие успешно функционирање, како што беше истакнато, е уште еден доказ за трајното партнерство што постои меѓу нашите две земји и заложбите за продлабочување на културните врски меѓу македонскиот и американскиот народ. Амбасадорката Агелер упати покана до министерот Љутков да посетат едно од американските катчиња каде што заедно ќе се сретнат со студенти кои ги користат услугите на овие културни центри.

Двете држави следната 2025 година ќе одбележат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.