Со римување, микрофони и креативна игра со штурчето Свирче, богомолката Богдана и дабарот Дрварко – создадени од вештите рачиња на децата, во петокот (втори декември), беше промовирана новата сликовница „Поклони се и почни“. Пред младите читатели во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“ се поклонија: авторот Владимир Лукаш, илустраторот Љубиша Камењаров и уредничката Оливера Ќорвезироска, и стиховито го доловија светот на оваа ведра и игрива книга, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Ќорвезироска истакна дека „Поклони се и почни“ е симболичен поттик за секое дете да го земе микрофонот на своите желби в раце и да ја почне забавата на детството по сопствена мера. Како вистинска, среќна „ѕверка“!

Книгата на забавен начин ги поттикнува децата (и животните!) да учествуваат во најразлични собирања и прослави по секакви поводи – „раѓањето на десетмилијардитото ливче во шумата“, во конкретниов случај. И кога знаат и кога не знаат да пеат, да играат, да пишуваат песни и да римуваат, децата треба да се собираат како и животните од сликовницата (штурчето Свирче, богомолката Богдана, бумбарот Јакоб, дабарот Дрварко и црвеношиестиот валаби), бидејќи шансите да го научат она што го сакаат се многу поголеми кога околу нив има повеќемина што можат да помогнат. Или барем само да слушаат. Односот помеѓу штурчето Свирче, главниот херој во сликовницата, кое сака а не знае да пишува во рима и дабарот Дрварко кому не му е гајле за рима а одлично ја владее, е прекрасен пример за волшебната моќ на дружбата. На крајот од сликовницата има и работен додаток за совладување на римите, така што сите, и ликовите и читателите, излегуваат од оваа духовита, несекојдневна книга на Лукаш и Камењаров оспособени за дружење и… римување – рече таа.

Авторот на приказната, познатиот мултимедијален уметник и музичар, Владимир Лукаш, истакна дека римата – како „форма“ на творење му е многу природна за изразување. Истовремено, таа им е многу блиска и на децата, со неа сè е полесно и поразбирливо за нив.

Римата и ритамот, особено во формативните години кога сите фактори за интересност работат деноноќно, навистина многу придонесуваат за полесно сознавање на светот сосе сите негови чуда и врагови. Претходната книга „Ши, ѕифри, копчи“ е песнарка, а „Поклони се и почни“ е приказна за еден песнар… Сè е едноставно и ништо не е едноставно кога се пишува за деца: крокодилите на патот немаат помеки заби, само посмешни… „Поклони се и почни“ им порачува на децата никогаш да не престанат да се радуваат! Животот не е само полесен кога радоста трчка горе-долу низ целото битие на детето (а и на возрасниот) туку е дури и невозможен без неа. Радоста е љубопитна, храбра, неуморна и заедно со љубовта ја создаваат најконструктивната сила во вселената. Минатите, денешните и идните деца, во каков и свет да живееле, живеат или ќе живеат, имаат една заедничка работа: креативноста. Децата се вонземно креативни, бескрајно љубопитни умни главчиња, кои лесно можат да најдат шума таму каде што возрасните не можат да најдат ниту дрвце. Без разлика дали играат џамлии, „народна“, „сервис“ или видеоигра, децата внимателно (ќе) си ги создаваат своите чудесни светови… – рече Лукаш, за кого ова втора книга во издание на „Либи“, по стиховницата „Ши, ѕифри, копчи“, која беше промовирана минатата година.

Со илустраторот на книгата, вајарот Љубиша Камењаров, другаруваат одамна и отсекогаш се надополнувале во животот.

Ликовите од приказната ги замислував токму како што ги нацрта тој… А и да сум ги замислувал поинаку, сите претходни слики ми исчезнаа од главата како неинтересна вест. Не се поклопија цртежите на Љубиша со мојата визија, туку ни се поклопија визиите и си создадовме една – заедничка. „Поклони се и почни“ е првата сликовница што ја илустрирал тој, но Љубиша е зрел, инвентивен автор и затоа цртежите личат како да му е илјада и првата сликовница… Инаку, книгата е наменета за сите профили на деца, но и за сите профили на возрасни. Сепак, постои еден услов: пред да почнете да ја читате приказната и пред да нурнете во фантастичните илустрации на Љубиша, ставете ги намуртките во кутиче и скријте го кутичето подалеку од вас. Овој услов не важи само за конкретнава сликовница, туку за сета детска книжевност. Со Љубиша веќе коваме планови за краток анимиран филм, радиодрама и сѐ по список. Сѐ што треба да направиме е да си ги засукаме ракавите, да се поклониме… и да почнеме – рече тој.

Љубиша Камењаров истакна дека соработката со Лукаш на оваа сликовница им е прва од ваков вид, а потекнува од нивното другарство, слично на тоа во книгата, непосредно и забавно.

Како и секогаш кога читам нешто напишано од Лукаш, во секоја реченица среќавам пријатно изненадување, а потоа застанувам зачудено… Кај му текна ова?! Така и во „Поклони се и почни“, откако ќе се изначудев за сцените, продолжував со цртањето. А, кога не можев да се изначудам, ќе му се јавев и прашував: Како тоа куфер со рими, од џеб да се вади? А, ликовите веќе имаа живот и глас во стиховите, само добија лик и тело, за да шетаат низ приказната, да скокаат насмеани на шумската забава и да уживаат покрај реката на дабарот и езерото на јастогот. Па, со оглед на фактот што децата од најмала возраст имаат голем уметнички потенцијал, единствениот предизвик за нас (децата од поголема возраст) беше само да се потсетиме на детската радост, која ни е позната и својствена, и да ги пренесеме убавите чувства и искуства од разликите во годините – рече Камењаров на крајот и им порача на сите мали читатели:
„Драги деца, големи и мали, и сите вие што во книги наоѓате приказни разни, побарајте го другарството, она што со добра намера ги зближува луѓето… а во оваа наша книга, дури и животните.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.