На јубилејното издание на Фестивалот „Про-За Балкан“ учествува и нетипичниот хрватски писател и карикатурист Дамир Каракаш(1967). Неговите книги се преведени на повеќе јазици и е добитник на значајни книжевни награди. Според неговата книга „Кино Лика“ е снимен истоимениот филм кој неколкупати е наградуван во Хрватска и во странство. Според некои негови дела, поставени се и театарски претстави. Бил воен репортер на „Вечерњи лист“ и известувал од боиштата во Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово. Работел и како новинар за црната хроника за истиот весник, а со карикатура се занимава од младешките години. Живее на релација Париз – Загреб. На почетокот во Париз се снаоѓа и преживува со свирење хармоника на улица. Амбиентот од тој почетен париски период е отсликан во неговиот роман „Сјајно место за несреќа“, кој е објавен и на македонски јазик.
Каракаш е автор на : „Босанците се добри луѓе“ (патопис, 1999), „Комбетари“ (роман, 2000), „Кино Лика“ (раскази, 2001), „Како влегов во Европа“ (роман, 2004), „Ескими“ (раскази, 2007), „Сјајно место за несреќа“ (роман, 2009), Полковникот Бетовен (раскази, 2012), „Blue Moon“ (роман, 2014), „Сеќавање на шумата“ (роман, 2016), „Прослава“ (роман, 2019).
Тој е еден од најчитаните и најнаградуваните современи хрватски писатели, а неговото гостување во Скопје го искористивме за разговор.

Вие сте еден од најнаградуваните писатели во Хрватска. Наградата „Меша Селимовиќ“ е последното признание кое го добивте. Што значат наградите за Вас?

Пред десеттина дена ја добив наградата „Меша Селимовиќ“ , една од најзначајните награди на просторот на поранешна Југославија, која се доделува за најдобар роман на просторот на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска. Ми беше чест што ја добив токму оваа награда, иако пред тоа ги добив речиси сите книжевни награди во Хрватска, и во Италија добив награда неодамна, но оваа награда ми е особено важна бидејќи Меша Селимовиќ ми беше некако формално доста важен како писател и кога пишував се држев до неговите совети особено на овој последниот роман „Окретиште“ (сеуште не е преведена на македонски јазик). Тој советува дека после некој страшен настан писателот мора да чека, да биде трпелив и да се обиде да ја пронајде таа емоција која ќе ја раствори. А знаеме дека никој не знае подобро да пишува за трауми од Меша Селимовиќ. Исто така го почитувам неговиот совет дека писателот треба да го пронајде својот јазик, да работи на себе и да го изучи занаетот за да може да ги реализира сопствените идеи. Но, кога ја добив таа награда наместо да добијам честитки и признание за сработеното добив многу навреди, бидејќи во Хрватска кога некои луѓе ќе видат дека се споменуваат Србија и Босна  веднаш им асоцира на Југославија и секогаш има некакви проблеми, особено со луѓето од мојот роден крај, од Лика. Таму не сум бил четири години од објавувањето на романот „Прослава“.

Вашиот најнов роман не е објавен на македонски јазик, па кажете ни нешто повеќе за содржината, инспирацијата…Каков е приемот?

„Окретиште“ е роман кој ја доби оваа награда, а за еден месец Дино Мустафиќ подготвува и театарска претстава на големата сцена на Народно казалиште во Сплит. Романот се темели на една трауматична случка. Во Загреб јас бев тешко ранет, бев долго во болница во шок соба. Да знаев што се случи би напишал некаков есеј, но бидејќи не знам, а не сакав ни до крај да знам, го напишав овој роман. Таа нејаснотија во книжевноста, како што вели Борхес е добра бидејќи тука понекогаш се крие и богатство за самата книжевност. Чекав, бев трпелив, доста години чекав да почнам со реализација. Не сакав романот да го правам како црна хроника или спектакл, бидејќи така се разбира повеќе би се продавал, туку го ставив тежиштето на јазикот и сакав со книжевен текст да воспоставам контрола над самиот настан. Романот говори и за барикадите. Тие се опасни за писателот, бидејќи поради нив повеќе не го гледаме човекот, туку мета. Треба некако да ги рушите тие барикади, да преминете преку нив, така што тој роман е всушност прекин со јуначката традиција на мојот крај и на моето семејство. Јас сум од Лика, тоа е планински крај, мошне опасен, како во Црна Гора. Кај нас за Првата и Втората светска војна и оваа последната никогаш не велиме дека некој некого убил, туку точно знаеме со име и презиме кој кого го убил и тоа се пренесува од колено на колено. Така што морав да се борам со демони и пишувањето на романот изгледаше како кога ќе влезеш во пештера со демони, тие го знаат твоето име, имаш малку муниција и мораш точно во срце да го погодиш демонот за да можеш да продолжиш понатаму. Моите дедовци и прадедовци, бидејќи јас потекнувам од војничко семејство, бараа од мене да се осветам и ми велеа дека ако не се осветам цел живот кога ќе влезам во кафеана и нарачам пијалок, келнерот чашата ќе ја стави на подот да пијам како жаба, а не како човек. И морав да одлучам дали сакам да бидам жаба или човек. Не беше лесно да се носам со сето тоа. Самиот наслов на романот функционира на две нивоа – јас живеам на свртилиште за трамваи во Загреб, каде што се вртват трамваите, а покрај тоа и како свртување на судбината, бидејќи сите ние во себе имаме свое свртување.

Тешко ли беше додека минувавте повторно низ сето тоа?

Што се однесува до тој страшен настан тоа ништо не значи, бидејќи можеш да преживееш стрелање или да паднеш од авион и да не напишеш ништо. Но, можеш да гледаш пиле како се пече во рерна и да направиш сјаен роман. Бидејќи книжевноста не е опишување на настанот, книжевноста е јазикот.

Објавата на романот „Прослава“ ве оддалечи од семејството и родниот крај. Велите четири години не сте биле во Лика. Како дојде до таму нетрпеливоста?

Романот „Прослава“ беше објавен пред четири- пет години и поради него имав големи проблеми и закани. Тешко беше тоа да се издржи. Четири години не сум бил во Лика, во родниот крај поради закани. Тоа е роман каде на некој начин ги опишувам луѓето во својот роден крај во Втората светска војна. Тоа се ликови како кај Достоевски, истовремено се и жртви и крвници. Се обидов да влезам во лавиринтот на свеста на тие луѓе, особено поради тоа што моите двајца дедовци биле на погрешната страна, биле во усташката војска. Од мојата куќа се стрелани доста луѓе. Се занимавав со една комплексна тема, поточно ме интересираше колку тоа некое време, контекстот…колку тоа влијае на луѓето? Кои би биле тие луѓе ако биле родени во некое друго време?

Имаше фотографија во нашата куќа од братот на дедо ми, кој многу млад бил стрелан. На фотографијата светат неговите очи, има интелегенто лице и ме интересираше дали тој ако бил роден во Америка би бил, на пример, добар џез музичар или добар актер, бидејќи во војната луѓето настојуваат исто така да се афримираат, но во војна можеш да се афирмираш само на погрешен начин…

Јас секогаш имам проблеми со својата литература и тоа е доста чудно, бидејќи мојата литература не се заснова на скандали, туку на јазикот, на стилот. Но, поголем проблем се моите политички ставови. Јас сум антифашист, колку и да звучи тоа излижано во последно време.  Во мојот крај луѓето не читаат книги и сега јас не смеам да се вратам во родниот крај поради книга. Сакав на сто страници, инаку книгата е преведена и на македонски јазик и добро се продава, да опишам три генерации и две војни. Тоа изгледа невозможно, но како што вели Фокнер, книжевноста е обид да се постигне невозможното. Наскоро ќе се снима филм според оваа книга, чие објавување е поддржано од Министерството за култура на Хрватска, а ментор е Павел Павликовски. Тој е прекрасен режисер, во тек се подготовки, се прават аудиции и ќе видиме што ќе биде.

Веќе е снимен филм според Вашиот роман „Кино Лика“. Какво е искуството од тоа?

 

Според мојот роман „Кино Лика“ веќе е снимен филм и секогаш се поставува прашањето колку може да е добар ако се работи по роман. Филмот доби многу награди и имаше голема гледаност, но во Лика, повторно во мојот роден крај, се прикажуваше пет дена, а шестиот ден беше забранет. Луѓето очекуваа туристички филм, но заклучиле дека јас и се потсмевам на Лика, дека правам негативна реклама. Филмот одеше и на хрватската телевизија и кога ја прашав мајка ми дали го гледала, бидејќи таа и мојот татко не одат во кино, таа налутено ми рече: Добро што татко ти заспа. Тие биле шокирани од филмот. Некогаш луѓето не сакаат да им ставиш огледало, да се погледнат. Според мене филмот е добар, зошто книгата е она што го читаш, а филмот е кога некому раскажуваш за таа книга.

Важите за љубител на филмската уметност, а омилен режисер ви е Тарковски, кој ќе рече дека „целта на секоја уметност е да им ја објасни на луѓето целта на нивната појава на оваа планета, или ако не ја објасни, тогаш барем да го постави тоа прашање…“ Што Ви е омилено кај Тарковски?

Многу го сакам филмот. Во мојот крај немаше кино, немавме телевизор и јас како малечок одев низ шумата и покрај завивањето на волците за да стигнам до киното во соседното поголемо место, да гледам филм и навечер повторно да се вратам назад. Подоцна кога живеев во Париз прочитав исказ од еден писател дека кога мало момче оди во кино навечер низ шумата и ако го следи завивање на волци, тогаш го чува судбината. Мој омилен режисер е Тарковски, нему постојано му се враќам, зошто ме мотивираат неговите филмови . Во нив има многу поезија, што не е чудно бидејќи неговиот татко е голем руски поет. И кај мене секогаш има поезија во мојата проза, но со поезијата, како што вели Андриќ, мора да внимаваме, зошто таа е како сол: ако премногу засолиме не чини, ако ставиме премалку сол, повторно не чини. Главно моите романи се хоризонтално структуирани, бидејќи јазикот така функционира, а поезијата ни овозможува да дојдеме и до најодалечените нешта. Дури и најлошата поезија е подобра од животот.

Повеќе сакате да пишувате или да читате?

Читањето е она што не прави луѓе и мислам дека на луѓето што не читаат им недостига една димензија. Од друга страма мислам дека многу наивно се сфаќа улогата на читателот, бидејќи како што постојат добри и лоши писатели, постојат и добри и лоши читатели. Добар читател, како што вели Андриќ, може од лоша новела да направи добар роман, а лошиот читател се уништува. Но, луѓето малку читаат, дури и писателите. Ми се чини дека толку многу пишуваат младите автори што немаат време да читаат. Работам во некои жирија за млади писатели и гледам дека многу се пишува, но недостига читање, зошто без читање нема ни пишување.

Изминативе години пандемијата ги стави нашите животи на пауза. Што научивме од тоа? Какви поуки извлековте?

Живеам покрај Максимир, имам три ќерќи одиме секојдневно да шетаме во шумата без мобилни телефони и раскажуваме приказни, од дрво правиме фигури.. Жал ми е кога ги гледам луѓето како седат еден покрај друг и не разговараат, туку гледаат во телефоните. Како да немаат за што за зборуваат. За мене во текот на пандемијата ништо не се промени, јас читав, бидејќи книгата е база, кога нема да постојат книги, нема да го има ниту светот. Имаа проблем луѓето кои се навикнати на надворешни дразби. Во време на пандемијата во Загреб имаше силен земјотрес. Уште не бевме разбудени книги те удираат во глава, ѕидовите се кршат како да се од хартија, беше страшно…но се шокирав кога погледнав низ прозорецот, беше рано наутро, паѓаше снег, иако претходниот ден беше сончев, а луѓето надвор шетаа во пижами и по гаќи. Цела улица беше полна со луѓе по пижами, а паѓа снег, беше неверојатна глетка.

Што претставува за Вас пишувањето? Од мали нозе цртате, свирите…едноставно работите на себе постојано.

Писателот треба постојано ра работи на себе, да учи, да чита, бидејќи ако мислиш дека си гениј, тогаш одиш наназад. Читам од десет години, тогаш ги прочитав сите руски класици Гогољ, Тургењев, Чехов, Балзак…Еднаш додека ја чував стоката во планина се занесов во читање на дело од Гогољ и се стемни, па моите тргнаа да ме бараат и добив ќотек. Книжевноста е чесна, колку и даваш, толку ти враќа, можеш да научиш како Тургењев ги опишува брезите или како Црњански ги менува времињата, но луѓето малку работат на себе. Мислат дека не треба веќе да читаат, треба само да пишуваат. Пушкин рекол дека талентот е труд, а трудот е талент исто така. Луѓето тоа го забораваат, бидејќи сега читањето ни е потребено повеќе од било кога, бидејќи живееме во време кога најмногу ни е потребна ментална хигиена. Естрадата служи за заработување, а култура за нешто друго и мора да ја поддржуваме, бидејќи народот кој нема култура е осуден на пропаст. Додека шетав со еден пријател ми кажува дека на Факултетот за режија во Загреб имало 18 кандидати, а од нив 17 никогаш не слушнале за нашиот култен актер Фабијан Шоваговиќ. А тоа се луѓе кои сакаат да се занимаваат со режија. За мене тоа е незамисливо.

Го споменавме парискиот период, тој е сега зад Вас, живеете на релација Париз- Загреб. Таму ја напишавте „Сјајно место за несреќа“…

„Сјајно место за несреќа“ го пишував во период кога се интересирав за американските автори, ја сакав таа книжевност. Во Париз живеев пет-шест години, и во Бордо. Париз е прекрасен град. Кога ќе направиш еден круг низ него како да си го поминал цел свет. Пишував за него од една поинаква перспектива, не Париз од туристички разгледници, не Париз од птичја перспектива, туку Париз од перспектива на стаорец. Тоа е свет кој ниту Французите не знаат дека постои. Во Хрватско народно казалиште се игра претставата работена по тој роман. Насловот го одбрав гледајќи каубојски филм, од каде ја зедов репликата : ова е сјајно место за несреќа. И Париз навистина е тоа, метафорично, како еден убав свет кој ако премногу му се доближиш може за час да те голтне и да ги фрли само твоите чевли. Париз може да биде убав, но и страшен град. Таму има и многу пропаднати луѓе. Романот е објавен во Берлин, Прага…но не и во Париз, бидејќи на издавачите не им се допаднаа моите тези од романот, дека Французите се националисти кои не го сакаат туѓиот национализам и дека се чувствителни на социјалните неправди, но само на своите.

Може ли да се живее од пишување?

Живеам само од пишување, но секогаш велам, ако играш за ФК Баерн Минхен можеш да живееш, а ако играш за ФК Брегалница тогаш не можеш. Живеам скромно, немам големи барања и успевам. Имам некоја база читатели на просторот на поранешна Југославија, се снимаат филмови по моите романи, се играат претстави. Во Хрватска има и стипендии за пишување роман и тоа на некој начин помага. Мислам дека сум еден од ретките што живее од пишување.

Работевте и како новинар и како воен репортер на „Вечерњи лист“ известувавте од боиштата во Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово. Како гледате на новинарството.

Работев во „Вечерњи лист“ кога уште имаше новинарство, учев занает. Денеска новинарството е претворено во измама, ќе објават некој скандалозен наслов и вие треба да кликнете. Многу малку има вистински новинари, особено оние во редакциите за култура. Во минатото кога ќе се јавеше реномиран новинар за интервју беше чест зошто тој ќе те направи во текстот подобар отколку што навистина си, а сега се плашам кој ќе ми се јави за интервју. Порано не можеше секој да биде новинар, најдобрите од Факултет се одбираа. Но, живееме во такво време, Толстој во негово време бил најпознат човек, а денеска тоа е Трамп.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.