Изложбата на тема „Лошите девојки од филмовите“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе понуди можност публиката да ги разгледа филмските костими на субверзивните женски ликови од 1960 го 2000 година.

Изложбата ќе биде отворена на 8 јули, петок, со почеток во 20 часот. Влезот на изложбата е бесплатен, а организирана е од Фестивалот за европски филм, „Синедејс“.

Малку филмови во историјата се запаметени по култните субверзивни, „лоши“ главни женски ликови, а уште помалку по тоа колку нивните костими биле важни во создавањето и паметењето на ликот. Она што ги поврзува избраните ликови е нивната неконвенционалност, контроверзноста и противењето на наметнатите општествени норми. Ликовите како Бони Паркер, Петра фон Кант и Северин од филмските автори Артур Пен, Фасбиндер и Буњуел ќе останат запаметени по нивната костимографска визуелизација, која што ќе има силно влијание во секојдневната мода, нагласуваат организаторите.

Тие посочуваат дека публиката ќе има можност да види различни рекреации на култни филмски костими што ќе опфатат различни формати и визуелизации од „живи слики“, видеа и графички постери, до импровизациски настапи на глумци и оживување на познати сцени од филмовите на сцени поставени низ просториите на МКЦ.

Авторка на проектот е Сандра Шевандо, а куратор е Драган Христов. Продуцент е Емилија Чочкова.

Сандра Шевандо е стилист на винтиџ-облека и колекционерка на винтиџ-мода. Живее и работи во Берлин, Германија, а оваа ретка професија ја пронаоѓа по искуството со уличната уметност и перформансите во Италија и низ Европа, каде што создавањето ликови главно преку винтиџ-облека ја доближува до бројни истражувања во историјата на костимографијата во филмот и ТВ.
Драган Христов е дизајнер и сопственик на модниот бренд Лудус, еден од ретките што прави пробив на интернационалниот пазар преку учества на саеми, шоуруми и изложби во галерии и музеи во Словенија, Австрија, Германија, Чешка, Холандија, Италија итн. Добитник е на неколку награди за работата на Лудус во Словенија и Австрија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.