Романот „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Објавувањето на добитникот на наградата се одржа денеска во кафе-книжарницата „Буква“, а за победникот одлучуваше жири-комисија составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева.
Во најтесен избор за наградата годинава влегоа и романите „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски, „Заборав“ од Томислав Османли, „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска и „Зелениот дворец“ од Сибо.
„Едниствен мачтичен број“ е мој четврти роман во којшто вложив многу труд, време, многу истражување и мислам дека е мојот најсериозен, најзрел роман досега. На некој начин Наградата „Роман на годината“ е моја трета среќа, бидејќи романите „Скриена камера“ и „Резервен живот“ се најдоа во потесната конкруенција на оваа награда во текот на годините. Многу ми е мило што зад оваа награда стои жири од вакви автори како што нашиот Влада Урошевиќ, нашиот класик и мој професор. Многу е необично за мене да седам овде до него како негова поранешна студентка, а сега на некое исто ниво. Тоа и така треба да се случува во животот. Многу ми е мило што фондацијата која ја доделува наградата го носи името на Славко Јаневски. Ние сите сме всушност следбеници на Славко Јаневски, во машки или женски лик. Сакам да се заблагодарам на повеќемина што придонесоа овој роман воопшто да биде напишен и објавен. Но, пред сè би сакала да и се заблагодарам на мојата книжевна мајка Оливера Николова, којашто ми дозволи да го искористам мотото во мојата книга, всушност реченица од нејзиниот роман „Песот со тажен поглед“ – зарам тоа што го немаме, не е мерка за она што го имаме? Ова е вистинско прашање за сите нас, изјави денеска Димковска.
Наградата Роман на годината првпат е доделена во 1999 година, од Утрински весник, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
Романот на Димковска е едно дело чија што основна основна идеја ги носи во себе обележјата на актуелноста. Преку историјата на едно семејство, Димковска се нафаќа да ја претстави, во сета нејзина трагика, едната од индивудуалните и колективните судбински состојби толку карактеристични за нашата епоха: ситуацијата на егзилот. Со овој роман, Димковска создала дело во кое личните истории, благодарение на прозната вештина на писателката ги шират своите кругови на значења се до глобални размери, велат во образложението за наградата членовите на жири комисијата.
За Издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда Роман на годината, по наградените: Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000 ), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006 ), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008 ) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).
Роман на годината се доделува по 25. пат. Се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од околу 2.420 илјади евра (150 илјади денари).
Свеченото доделување на наградата ќе се одржи во мај, на свечена седница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.