Донации на лични фондови на Анте Поповски и на Матеја Матевски синоќа беа промовирани
во НУ Музеј на македонската борба за самостојност.

Благодарение на соработката со семејствата Поповски и Матевски, музејот ги збогатува
фондовите со подарени материјали за еминентните претставници на втората генерација македонски книжевници чии дела оставија силен печат врз општествената и културната сцена во втората половина на 20. век, беше потенцирано синоќа на свеченоста.

 

На промоцијата се обратија Ана Китановиќ, в.д. директор и автор, м-р Данијела Трајкова Крстиќ, виш кустос и автор, како и Александар Поповски, син на Анте Поповски и Денко Матевски, син на Матеја Матевски.

Голема благодарност до семејствата за укажаната доверба во Музејот на македонската борба, донирајќи материјали што претставуваат значајно дополнување на музејскиот фонд, рекоа од Музејот на македонската борба.

Анте Поповски (1931, Лазарополе – 2003, Скопје) е македонски книжевник, поет и есеист,
публицист, сценарист, продуцент, преведувач, општественик и академик. Како член на МАНУ и
Светската академија на поезијата на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО), се профилира како еден од афирматорите на македонска книжевна и културна сцена на национално, но и на меѓународно ниво.

Ако изборот на предметите ја искажува душата на еден човек, ако според изгледот на неговата соба може да се суди за неговата душа, тогаш ние како семејство сме среќни што неговата душа од денес ќе живее во колективната душа на македонскиот народ, на најсветлите негови синови. Неговите предмети не се веќе само наши, туку на Македонија, за која живееше. Затоа, Анте, татко наш, имај вечен живот под покривот на небесна Македонија, истакна, меѓу другото, Александар, синот на Анте Поповски, по повод отворањето на постојаната поставка во Музејот на македонската борба за самостојност посветена на Анте Поповски.

По овој повод на настанот беше прочитана пораката од писателот Венко Андоновски.

Се сеќаваш ли Анте, кога првпат летав со авион со тебе во Варшава, на писателски конгрес, како младо момче штотуку зачекорено во книжевноста, на кое ти му пружаше книжевна поддршка и му го држеше стравот во авионот, водејќи упорно разговор за да престанам да мислам на летот? Тогаш од Варшава ми купи еден мал часовник и една стара мапа на Македонија, што ја пронајдовме во една антикварница. Е па, драг Анте, бидејќи имаше опсесија од собирање часовници и стари мапи на Македонија, се радувам што твоето време од денес ќе се мери со исконското време од старите мапи од наша Македонија, и тоа во Музејот на македонската борба, единственото место достојно да го собере твоето време, твојата љубов кон отечеството и твојата светска, а македонска поезија, химна на светлината на човештвото. И особено се радувам што ова твое селење во вечноста на македонската светлина се случува токму на денот кога она момче што го држеше за рака во авионот за Варшава, денес полни 60 лета. Со љубов, Твој Венко.

Матеја Матевски (1929, Истанбул, Турција – 2018, Скопје) е значајна личност во македонската современа литература и култура, поет на европската лирика, есеист, новинар, преведувач, литературен и театарски критичар. Истакнат општественик и член на МАНУ од 1970 година со значаен придонес во областа на книжевноста и културата на Македонија.

Денко Матевски се заблагодари на сите присутни и рече дека не е убеден дека го бидува за обраќање пред публика како неговиот татко, но дека ќе се обиде.

Иницијативата почната со претходната директорка на Музејот на македонската борба, Даниела Николова во целост се реализираше со професионалниот тим на Музејот и актуелната директорка Ана Китановиќ. Ние како семејство во иднина сме подготвени да ја надградиме и прошириме оваа донација на Матеја Матевски. На музејот му посакувам да истрае со овој проект и да отвори повеќе простор за други наши значајни творци кои со своите дела имаат придонес во борбата за афирмација на македонскиот јазик и култура во светот, рече Матевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.