Со проекција на култниот филм „Рани радови“ на Желимир Жилник на 31 мај (среда), со почеток од 21 часот, Кинотеката го отвора Летното кино. Следната вечер, на 1 јуни (четврток), во 21 часот ќе биде прикажан и документарецот ЖУРНАЛ ЗА ЖЕЛИМИР ЖИЛНИК на Јанко Баљак, посветен на овој анфан терибл и еден од најангажираните творци на ексјугословенската кинематографија.
Жилник и Баљак ќе присуствуваат на проекцијата и публиката ќе има прилика да разговара со нив.
„Рани радови“ е филм за една девојка и три момчиња обземени со прашањето дали е можно секој да стане господар на сопствената судбина? Во почетокот наидуваат на публика, луѓе што внимателно ги сослушуваат, но потоа ги отфрлаат нивните идеи бидејќи се премногу радикални. Сфаќајки дека народот не ги прима нивните пораки, тие решаваат да страдаат заедно со него. Кога им здосадува, момчињата ја спасуваат девојката од маките со тоа што ја полеваат со бензин и таа исчезнува во пламенот… а останатите, најпосле среќни и исполнети, си продолжуваат да живеат.
Во 1969 година, филмот ја добива Златната Мечка на Берлинскот филмски фестивал „…заради предизвикувачката конфронтација на идеологијата и реалноста, за случајната брилијантност со која ги хуманизира политичките апстракции и ја прави драмата модерна по својата форма и содржина…“. Филмот „Капитал“, базиран на истоименото дело на Маркс, е снимен во 1971 година како продолжение на „Рани трудови“, но никогаш не бил прикажуван.
Жилник е режисер, сценарист, филмски критичар, роден на 8 септември 1942 година во кампот на Црвениот крст во Ниш, каде била затворена неговата мајка Милица, подоцна убиена во логорот организиран од злогласниот нацистички Гестапо; татко му Слободан бил убиен од четниците во 1944 година, и Желимир пораснал во семејството на неговата мајка.
Жилник беше гостин на Кинотеката во 2008 година, кога беше прикажан дел од неговиот исклучителен опус. Петнаесет години подоцна, еве го Жилник потворно како гостин во Кинотеката, на отворање на летното кино.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.