Театар Куманово денеска во 17:00 часот, премиерно ќе ја изведе детската претстава „Пиши му на Дедо Мраз“.

Од театарот објаснуваат дека претставата е интересен новогодишно сценски приказ каде најмалите ќе може да ги кажат своите желби и да си посакаат убави новогодишни празници. Претставата ја прикажува детската еуфорија од исчекувањето на Дедо Мраз, судирот на современото и традиционалното, детските желби за хармоничен свет.

Новогодишна еуфорија за најмалите преку театарската магија, ќе нè посети Дедо Мраз, ќе му напишеме мејл на Дедо Мраз, преку ликовите на две деца, Тамара и Кире, ќе видиме колку се креативни децата кога се инспирирани од исчекувањето на посетата на Дедо Мраз. Дедо Мраз со една единствена порака и желба, децата без разлика од кој дел на светот, треба да бидат еднакви, да живеат во хармоничен свет полн со љубов. Во 35 минутното театарско патување со Дедо Мраз, Тамара и Кире, се надеваме дека ќе придонесеме за уште поубаво новогодишно расположение за најмалата, но најдрага наша публика, вели режисерката, Бојана Краљевска Стојков.

Во новогодишната детска претстава играат актерите од кумановски театар: Сања Русеска, Владо Дојчиновски и Давид Илиќ, текстот и сонговите се на Зоран Зафировски, сценографија на Крсто Богојевски, костимите на Дарко Илиевски, а музички соработници се Александар Митрички, Никола Стојковски, Стефан Стојмановски, Ангела Ѓоргиевска, дизајн на постер е на Стефан Јакимовски.

Новогодишниот сценско-музички приказ „Пиши му на Дедо Мраз“ е весела пиеса за двајца третоодделенци и за нивните новогодишни желби и возбуди при „случајната“ посета на Дедо Мраз. Низ детски хумор прикажан е судирот меѓу традиционалното и современото преку дилемата: дали на Дедо Мраз да му се напише писмо или мејл? На крајот се испраќа топла порака за мир во светот, пишува драматургот, Зоран Зафировски.

Претставата од понеделник (18 декември 2023) ќе се игра за основните училишта од градот и за публиката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.