„Кротењето на фуријата“ во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на Градски театар Подгорица, Црна Гора е вечерва во 21 часот на четвртиот ден на Битола Шекспир фестивалот. Претставата се игра во големата сала на Народниот театар во Битола, а е во склоп на Битолско културно лето.
Претставата „Кротењето на фуријата“ ги компарира двата принципи машкиот и женскиот, потпирајќи се на одредени аспекти на женската сексуалност и на машката доминација во современиот и модерен актерски израз, кој се заснова на Шекспировото сфаќање на театарот, играта, времето и просторот. Во тој контекст, елизабетанските ставови за женската сексуалност и машката доминација се елемент на една поголема матрица од односи на општествена моќ. Односот меѓу половите, општествените пракси и општествениот ритуал се една од главните теми и борба на нашето време. Пиесата денеска е посебно актуелна зашто се доведува во прашање родот. Шекспир секогаш нѐ враќа на изворот на основните принципи на човечкото битие, вели режисерот Пројковски.
Но, нема да кажеме ништо на оваа тема ако не го поставиме прашањето: дали постои специфична женска смисла, која се разликува од машката? И ако е така, дали може да се очекува женската смисла да се пронајде во машкиот свет?
Како режисер, имам искуства со психолошко сенчење на женските ликови. Ми се чини дека женските ликови се секогаш психолошки попрефинето осенчени од машките; женската смисла мене ми личи на харфа, а машката на гитара, бројот на жиците е различен. Со ова не сакам да им дадам предност на жените пред мажите, во смисла на сензибилитет, зашто знам дека уште од учењето за анимусот и анимата е вообичаено така да се мисли. Нашата задача во театарот е да ги уриваме стереотипите за машко и женско, додава Пројковски.
Режија и адаптација: Дејан Пројковски; Драматургија: Драгана Трипковиќ; Сценограф: Валентин Светозарев; Музика: Горан Трајкоски; Костимографија: Катарина Вукчевиќ; Сценско движење и кореографија: Тамара Вујошевиќ Мандиќ
Во претставата играат: Лазар Драгоевиќ – Петручио, Милица Мајкиќ -Катарина, Павле Богојевиќ – Лученцо, Вања Јовичевиќ – Бјанка, Омар Бајрамспахиќ – Транио / Дама / Вдовица, Павле Поповиќ – Хортенцио, Стефан Вуковиќ – Грумио / Учител – Батистадар, Горан Славиќ – Слај /Винченцо, Немања Тодоровиќ * – Гремио, Вукан Пејовиќ – Биондело, Лара Драговиќ – Карција / Кројач, Татјана Торбица – хостеса.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.